Членките на ЕУ се против планот кој ги обврзува да прифаќаат мигранти

Земјите-членки на ЕУ ќе го отфрлат планот кој ќе ги обврзе да прифатат илјадници бегалци кои пристигнуваат во Грција и Италија, соопштија дипломати пред денешниот дводневен самит во Брисел на шефовите на држави и влади на Унијата, на кој главна тема ќе биде миграцијата, борбата против тероризмот и ситуацијата во Украина, објави МИА.

– Идејата Брисел да воведе квоти нема да помине, изјави влијателен претставник на ЕУ, кој учествува во подготовките на самитот.

Во предлог завршното соопштение од самитот се наведува дека „до крајот на следниот месец сите членки ќе се согласат за прифаќање бегалци“.

Бегалскиот бран од Блискиот Исток и Африка ќе биде прва и најважна точка на дневниот ред на средбата, а со тоа и планот на Европската комисија да се воведат квоти за прифаќање азиланти за секоја земја-членка одделно. Ваквиот предлог на претходниот самит предизвика жестоки реакции кај некои од европските држави.