Сојузниците на НАТО се согласија да финансираат воена помош за Украина со 40 милијарди евра следната година, изјавија двајца западни дипломати за Reuters во средата, една седмица пред самитот на алијансата во Вашингтон.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг побара од сојузниците да се согласат на повеќегодишна посветеност да продолжат да му помагаат на Киев на исто ниво како од почетокот на руската инвазија во 2022 година, во износ од околу 40 милијарди евра годишно.
Земјите-членки, сепак, не го поддржаа првичното барање на Столтенберг, но договорот вклучува одредба дека придонесите на сојузниците ќе бидат разгледани на идните самити на НАТО, според дипломатот. Сојузниците одлучија да подготват два извештаи во текот на следната година за да одредат која земја што испорачува во Украина, рече дипломатот, за да се исполнат барањата за поголема транспарентност во распределбата на товарот меѓу сојузниците.
Земјите-членки „ќе имаат за цел да го исполнат ова ветување преку пропорционални придонеси“, се вели во договорот.
Финансиската обврска е дел од поширокиот пакет за Украина за кој лидерите на НАТО ќе се договорат на состанокот во Вашингтон од 9 до 11 јули.
НАТО ја координира воената помош за Украина
Во јуни сојузниците одлучија дека НАТО ќе преземе поголема улога во координирањето на воената помош за Украина, односно дека ќе ги замени САД, имајќи предвид дека Доналд Трамп, скептик во функционалноста и оправданоста во опстојувањето на НАТО, се обидува да се врати во Белата куќа.
По руската инвазија на Украина во 2022 година, САД ги собраа пријателските земји во воздухопловната база во Рамштајн, Германија, формирајќи група земји и органиации којашто сега има околу 50 членови и редовно се состанува за да одговори на барањата на Киев за оружје со ветувања од донатори.
Таканаречената Група Рамштајн ќе продолжи да постои како политички форум предводен од САД, но НАТО ќе го преземе военото работно ниво кое ќе ја координира испораката на оружје и обуката на украинските војници. Координацијата под чадорот на НАТО обезбедува „штит против Трамп“ до одреден степен, пишува Reuters. Алијансата добива подиректна улога во војната против Русија, но не се обврзува да испраќа свои воени сили.
Но, дипломатите признаваат дека тоа може да има ограничен ефект бидејќи САД се доминантна сила во НАТО и обезбедуваат најголем дел од оружјето на Украина. Значи, доколку Вашингтон сака да ја намали помошта од Западот за Киев, сепак, ќе може да го стори тоа.
Членство на Украина во НАТО
Покрај тоа, сојузниците сè уште не се согласуваат дали и како да ги зајакнат јазичните формулации на НАТО во врска со идниот прием на Украина во Алијансата. Официјалниот став на НАТО е дека Украина еден ден ќе влезе во НАТО, но не додека земјата е во војна. „Иднината на Украина е во НАТО“, изјавија лидерите на Алијансата на самитот во Вилнус минатата година.
Некои сојузници сакаат да го зајакнат тој јазик, сугерирајќи дека самитот би можел да каже дека патот на Украина кон членство е „неповратен“, според дипломатите.