Процесот на ратификација на Пристапниот протокол за членство на Македонија во НАТО од страна на националните парламенти на земјите-членки на Алијансата веќе почна да добива свој, дури би рекле, забрзан тек.
По ратификацијата во грчкиот Парламент во петокот, Словенија вчера беше втората држава која го ратификуваше Протоколот за НАТО. Најавено е дека во четврток тоа ќе го стори и албанскиот Парламент, а веќе следната недела според бугарската министерка за надворешни работи се очекува тоа да го стори и Бугарија. Најави има дека и Црна Гора наскоро ќе им се приклучи на државите кои ќе го ратификуваат Пристапниот протокол.
Очекувањата се дека процесот на ратификација треба да заврши за една година поточно до крајот на оваа или почетокот на идната година.
Ратификацијата следи откако на 6 февруари во Брисел, во присуство на министерот за надворешни работи Никола Димитров, беше потпишан Протоколот од страна на амбасадорите на земјите-членки на Алијансата.
И додека во парламентите на земјите-членки на Алијансата тече процесот на ратификација, во Македонија вчера беше кренато знамето на НАТО пред зградата на македонската Влада.
Во обраќањето пред присутните, премиерот Зоран Заев рече дека државата е на вистинскиот пат кон прогрес и непречен развој и оти со својата мирољубива политика ќе докажеме дека членството во НАТО е најдоброто решение за стабилноста на државата и за стабилноста на регионот.
– Успеавме од споредниот балкански колосек на кој чекавме со децении, да се вративме на главниот автопат кон Европа. Во периодот што следува ќе бидеме директни учесници во најзначајниот период од осамостојувањето на државата во кој сами ќе одлучуваме за нашата иднина, истакна Заев.
Патот кон НАТО се отвори откако Македонија и Грција го решија повеќедеценискиот спор околу името. Согласно Договорот од Преспа, Македонија треба да го промени името во „Северна Република Македонија“.