Членките на Советот за безбедност на ОН сакаат виртуелно гласање, Русија не се согласува

© AFP 2018 / Hector Retamal

Повеќето земји членки на Советот за безбедност при Обединетите нации сакаат можност за виртуелно гласање во текот на пандемијата на коронавирусот доколку има потреба за тоа, велат дипломатски извори за Reuters, но Русија верува дека телото кое брои 15 членки „не треба да се плаши“ од состанок во живо во своето седиште во Њујорк.

Русија, којашто покрај САД, Кина, Франција и Велика Британија, го има правото на вето, го спречи Советот за безбедност да го одобри предлогот на процедурална нота за состаноци преку видео-конференција, рекле дипломати кои сакале да останат анонимни. Таквите ноти треба да бидат договорени со консензус.

Со нотата е предложено Советот за безбедност да може да се сретне и да гласа виртуелно во „крајна нужда“, во екот на сериозна јавна криза, вклучително и јавна здравствена криза. Советот веќе ги тестирал ваквите виртуелни состаноци.

„Не би требало да се плашиме да се сретнеме одвреме навреме во седиштето на Советот за безбедност на ОН“, истакнал рускиот амбасадор при светската организација, Василиј Небензја, во писмо од понеделникот кој му го испратил на кинескиот амбасадор Жанг Јун, претседателот на Советот во март.

Небензја рекол дека ОН се „еден од најсигурните простори“ во Њујорк, и дека „ризикот од добивање вурис таму е помал отколку кога во продавниците купуваме основни продукти“.

Од понеделникот ОН го намалија бројот на службеници во своето седиште во Њујорк во текот на следните четири седмици и ги оставија комплетни само неопходните служби.

Со коронавирусот се заразени над 245.000 луѓе ширум светот, додека бројот на смртните случаи надминува 10.000. Речиси 13.900 се заболени во САД, а починале 200, најмногу во сојузната држава Њујорк. Русија досега регистрирала 199 случаи на зараза, и едно починато лице.

Небензија рекол дека Русија е подготвена на тоа некои членки да се придружат на состанокот преку видео-конференција „но само ако биде јасно дека Русија и другите кои се спремни да присуствуваат во седиштето, ја добијат таа можност“. Меѓутоа, во вторникот Русија не се согласила со предлогото, а за тоа не дала објаснување, рекле за Reuters дипломатските извори.