Членовите на Кризниот штаб при МНР ја добија наградата „Дипломат на годината“

Oваа година наградата „Дипломат на годината“ ја добиваат дипломати – членови на Кризниот штаб при Министерството формиран за борба со пандемијата, која традиционално се доделува на Денот на Министерството за надворешни работи – 29 април.

Дипломатите Елеонора Тодоровска, Миа Димитровска, Јумни Сали, Драган Богдановски, Агим Муртезани, Срѓан Хаџи-Николов, Катина Георгиев, Бекри Ајдини, Бони Цветановскa, Сашка Талевска, Решат Бериша, Есат Велиу, Марјан Софрониески, Синиша Иванковиќ, Атина Ничоска и Сузана Тунева, кои неуморно и посветено се справуваа со предизвиците при репатријацијата на македонските граѓани затекнати во странство, се македонските дипломати на годината, соопшти МНР.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, упати честитки до наградените, до сите дипломати, како и до македонските граѓани.

– Работата на дипломатите е да им помагаат на граѓаните во странство, да ги промовираат државните интереси, да градат мостови на пријателства и лостови на сојузништва. Оваа година ги остваривме стратешките приоритети на нашата надворешна политика, членството во НАТО и почеток на преговори со ЕУ, работа која што со децении бараше детерминираност и визија на дипломатите во МНР. Денес, на Денот на МНР, во услови на сериозни предизвици предизвикани од пандемијата, решивме на тој активен ангажман да му додадеме име и презиме и за прв пат, наградата „Дипломат на годината“ да ја доделиме на повеќе колеги кои во вонредни услови работеа извонредно. Честитки до нив и до сите дипломати, нека ни е честит Денот на МНР! – вели Димитров во честитката.

МНР соопшти дека оваа година, со оглед на околностите, нема да биде одржана традиционалната прослава со која се одбележуваше овој ден.

Денеска се одбележува 51 годишнината од формирањето на Бирото за односи со странство во 1969 год, тело кое преку Секретаријат за односи со странство, во 1994 година се етаблираше како Министерство за надворешни работи.