Премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање за најавените чекори што ќе ги преземе после празниците за разрешување на членовите на Судски совет, рече дека „овие луѓе со доверба од два проценти, повеќе не ја заслужуваат платата којашто ја земаат“.
-Како Влада сигурно дека нема да работиме нешто што е спротивно на законот и спротивно на Уставот. Се разбира, било кој процес што е спротивен на закон и Устав немаме намера да го водиме, па така ни овој. Но, не би се согласил врз основа на оние мислења кои ги имам од оваа област и од уставните експерти, дека е противзаконски и противуставен начинот на кој е потребно да се побара одговорност, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање, кои се чекорите за разрешување на членовите на Судски совет што ги најави, со оглед дека дел од правните експерти истакнале дека тоа можеби е противуставно.
Мицкоски повтори дека тие имаат најниска доверба од граѓаните.
-Граѓаните ги оценуваат со најниска доверба. Нема да им угодиме на овие луѓе за да останат уште подолго таму и подлабоко да тонеме во политичкото мочуриште заглавени во она што го направија изминатиот период затоа што има неколкумина кои не постоеја досега и сега наеднаш се вознемирени и се појавуваат на површина, таква намера немаме. Ние работиме во интерес на граѓаните, согласно закон и Устав, а да, ќе се појавуваат таков тип на т.н. експерти кои ќе толкуваат вака или така. Но, едно е јасно, а тоа го кажуваат и граѓаните, дека овие луѓе со доверба од два процента повеќе не ја заслужуваат платата која ја земаат, рече Мицкоски на отворањето на реновираниот прв кат на Клиниката за психијатрија.
Мицкоски минатата недела изјави дека се размислува за неколку потези после новогодишните празници во однос на Судскиот совет.
-Граѓаните мора да ја добијат правдата. Планираме вакви активности во следниот период, рече премиерот Мицкоски, одговарајќи тогаш на новинарско прашање дали се планира разрешување на оние членови на Судскиот совет кои се избрани од Собранието.