Фризерите ширум Белгија ја чистат и подготвуваат косата истрижена од нивните клиенти, а потоа ја предаваат на невладината организација којашто ја рециклира поради заштита на природната околина.
Проектот наречен „Hair Recycle“ ги уфрла прамените и локните во машина којашто ги претвора во коцки коишто може да се користат за впивање масла и други јаглеводороди кои ја загадуваат околината или може да бидат претворени во биоразградливи вреќички.
Коосновачот на проектот Патрик Јансен појаснува дека еден килограм коса може да апсорбира седум до осум литри нафта или јаглеводороди. Додава дека споменатите производи може да се стават во одводи за впивање на мастите и другите валканици.
„Нашите производи со тоа се повеќе етички бидејќи се произведуваат локално… не се увезени од друга страна на планетата. Тие се создадени тука за да се занимаваат со локалните проблеми“, вели Јансен за Reuters.
На мрежната страница на проектот е наведено дека косата има силни својства: еден прамен може да издржи до 10 милиони пати поголема тежина, а покрај тоа што впива маснотија и јаглеводороди, се растопува во вода и многу е еластична поради своите кератински влакна.
Изабел Вулкидис, шефица на салонот „Helyode“ во Брисел е една од десетиците фризери ширум земјата кој плаќаат мал надоместок за проектот за да ја соберат истрижената коса.
„Особено ме мотивира тоа што според мене срамно е косата денес само да се фрла во ѓубре, а знам дека мони нешта може да се направат со неа“, вели Вулкидис.