„Главната причина зошто Македонија не преговара за членство со ЕУ и главната причина за уназадувањето е невладеењето на право“, истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листа во ИЕ4 во Отвореното студио пред започнување на големиот народен митинг пред Владата на Република Македонија.
„Еден од темелниците што беше срушен во изминатиов период е Кривичниот законик кој што да потсетам, беше набрзина донесен минатото лето во Собранието со европско знаменце и беше експресно истиот ден потпишан од Стево Пендаровски, кој за жал ја извршува функцијата претседател на државата“, укажа Николоски.
Тој додаде дека со потпишувањето на измените на Кривичниот законик практично се удри во темелите на правната држава и на владеењето на правото.
„Тоа е по мене едно од најголемите злосторства што Пендаровски ги направи. Нешто што дефинитивно мора да менуваме. Мора да воведеме функционален систем на владеење на правото и реална правна држава“, нагласи тој.
Посочи дека граѓаните се прашуваат зошто Пендаровски го направи тоа.
„Пендаровски посакува во јавноста да се прикаже како скромен и некорумпиран, но човек кој потпишува Кривичен законик за амнестија на криминалци не може да е ниту скромен, ниту некорумпиран. Веројатно е многу алчен и веројатно многу корумпиран“, рече Николоски.