Човиќ до Бундестагот: Декларацијата е во функција на бошњачката доминација над Хрватите

Претседателот на Домот на народите на Парламентот на Босна и Херцеговина, во саботата се обратил со писмо до германскиот Бундестаг, тврдејќи дека предлог-декларацијата за БиХ е злоупотребен за поддршка на радикалните бошњачки елементи во земјата коишто заговараат неуставни решенија коишто би довеле до остварување бошњачка доминација над Хрватите.

Предлог-декларацијата којашто ја составиле пратениците на владејачката „Семафор“ коалиција, на социјалдемократите, зелените и либералите, претходно седмицава беше упатен во парламентарна процедура во германскиот Бундестаг. Во неа се поддржува европскиот пат на БиХ, а како закана за суверенитетот на земјата, блокадите и поделбите се обвинуваат водечкиот српски функционер Милорад Додик и хрватскиот Драган Човиќ.

Човиќ во писмото упатени до германската пратеници, навел дека со содржината на декларацијата се оди во прилог на остварувањето бошњачка доминација над Хрватите во БиХ, пренесуваат денеска хрватските медиуми.

„Предлогот на резолуцијата стана еден во низата инструменти на радикалните кругови во БиХ кои се залагаат за неуставни решенија и доминација над Хрватите како најмалубројни од трите конститутивни народи (покрај Бошњаците и Србите -з.р.), но и на малцинствата како што се Евреите и Ромите“, го цитира агенцијата Hina дописот на Човиќ.

Човиќ, кој е и челник на Хрватскиот народен собор (HNS), додава и дека хрватската страна во БиХ се зазема за измени на Уставот и Изборниот законик за да се спроведат одлуките на Европскиот суд за човековите права и Уставниот суд, за сите граѓани без оглед на националноста и вероисповедта да можат да се кандидираат за политичките функции.

Притоа хрватската страна оцени дека е клучно да се гарантира спречување на инженерингот според кој „мнозинскиот бошњачки народ им ги наметнува претставниците на Хрватите во домовите на народите и во Претседателството на БиХ“.

Во писмото до Бундестагот, како што се појаснува во соопштението за јавноста, Човиќ ги отфрлил обвинувањата на негова сметка појаснувајќи дека на Хрватите целта им е целосна, стабилна и функционална БиХ под закрилата на ЕУ и НАТО, како и дека се противи на „бошњачкиот унитаризам и српскиот сепаратизам“. Во писмото Човиќ известува и за зачестените напади во БиХ врз хрватските национални симболи и врз Католичката црква.

Хрватските медиуми истакнуваат дека во нацрт-декларацијата на германскиот парламент учествувал и известувачот на Бундестагот за БиХ, пратеникот од владејачката Социјалдемократска партија на Германија (SPD), Адис Ахметовиќ кој има корени токму од БиХ, кој и претходно жестоко се противеше на предлозите за изборни реформи кои ги изработија хрватските политички претставници.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, исто така, изјави дека во споменатиот германски документ е „препознатлив ракописот на бошњачкото лоби“.