Чулев: Полициjaта во првите бopбени редови со кopoнавирусот во епицентрите на зapaзата

Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев вечерва гостуваше во „Топ Тема“ при што посочи дека попладнево побарал релаксирање на реестрикцијата за движење на граѓаните, и би требало новите мерки да важат веднаш по донесувањето на одлука на Владата, најрано од утре.

„Денес имавме Главен координативен кризен штаб на Влада и на него беше дискутирано во која насока би се олабавувале мерките и имаше неколку предлози. Во текот на денот немаше седница на Влада, меѓутоа за утре е закажана седница на Влада во 15 часот и јас очекувам дека утре Владата ќе донесе одлука во насока на олабавување на мерката за забрана за движење. Новите мерки јас мислам дека веќе од утре или најдоцна од задутре, веднаш после објавувањето“, вели Чулев.

Mинистерот се залага полицискиот час секој ден вклучително и за време на викендите да започнува од 19 часот попладне и да трае до 5 часот наутро. Чулев во однос на траењето на полицискиот час за повозрасните лица исто така бара негово намалување со тоа што истиот би траел од 5 часот наутро до 12 часот попладне. За младите пак мерката би важела од 13 часот попладне до 19 часот.

Со цел спречување на натамошното ширење на заразата ќе има зголемено полициско присуство во градовите кои од страна на Владата беа прогласени за жаришта на епидемијата, ова го истакна министерот Чулев.

„Како министерство за внатрешни работи ќе имаме зголемено присуство на територија на општините Прилеп, Куманово и Тетово каде што ние со нашите полициски службеници ќе укажуваме и ќе ги предупредуваме граѓаните за почитување на препораките. Исто така имаме задолжение и намера со користење на мегафони континуирано да даваме информации, соопштенија и предупредување на граѓаните со цел спречување на заразата“, појасни Чулев.

„Во Сингелиќ се приведоа три лица кои што, претходно беа 8 лица меѓутоа три лица полицијата ги фати ги приведе во полициска станица, им зема податоци се поднесе соодветен поднесок до ОЈО и беа ослободени. Во однос на другите лица се изврши идентификација и дел од нив се повикуваат во полициска станица им се земаат изјави и се поднесуваат соодветни поднесови во ОЈО“, истакна Чулев.

Министерот за внатрешни работи, Чулев ги замоли граѓаните да не ги отежнуваат активностите на полицијата, бидејќе тие го носат најголемиот товар од спроведувањето на мерките на Владата.