Чулев предлага ограничувањето од 19 до 05 часот да важи и за време на викендите

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев смета дека мерките за ограничување на движењето може да се релаксираат. Неговиот предлог е движењето да биде ограничено од 19 до 05 часот и тоа да важи и за време на викендите. Постарите лица би се движеле од 05 до 12 часот, а младите од 13 до 19 часот.

Овој предлог, како што изјави вечерва во емисијата „Топ тема“ ќе го даде на утрешната владина седница.

– Мерката за забрана за движење е воведена на 22 март и веќе поминаа 30 дена. Претходниот викенд имаше најдолго ограничување на движењето од 85 часа и како Министерство за внатрешни работи кое секојдневно е присутно на терен можевме да утврдиме дека има зголемено негативно влијание врз социјалната состојба кај граѓаните, се чувствува тензија. Истовремено и совеста кај граѓаните во однос на личната заштита е на многу повисоко ниво. Така што тргнувајќи од овие два аспекти, а и од тоа дека нема некое драматично зголемување на бројот на заразените, сметам дека ограничувањето на движење треба да биде од 19 до 05 часот и тоа да важи и за викендите, рече Чулев.

Најави дека ќе предложи и укинување на забраната за движење по шуми и паркови, но притоа да се носи заштитна опрема.

– Јас сум да се носи заштитна опрема, но за сметка на тоа да се релаксира ограничувањето на движењето. Нормално да се почитува и препораката за држење на растојание од два метра, истакна Чулев.