Не е моментот да одиме со многу рестриктивни мерки и затоа предложив да биде ограничувањето на движење како и во нормални денови. Ставот на Комисијата за заразни болести беше да биде лок-даун од четврток до понеделник, но на крајот преовлада компромисно решение, изјави министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев за 24 телевизија.
-Односно на влада заклучивме дека сепак не е добро да имаме целосно затворање на викендот и 1-ви мај. Моите аргументи беа во насока дека кај граѓаните веќе постои повисока свесност, за лична заштита, со мерките против ширење на заразата. Како што гледате граѓаните ги почитуваат мерките и одлуките на владата, носат средства за лична заштита маски и ракавици. Другиот аргумент беше психолошкиот притисок кој што е енормно зголемен врз граѓаните, полицијата е секојдневно со граѓаните и забележана е енормна агресивност кај нив. Што значи дека оваа ситуација се одразува врз психо-физичкото здравје врз граѓаните. Доколку направиме една анализа и компарација со регионот и Европа, во некои држави веќе има и агресивни манифестации на граѓанска непослушност. Она што ни служи и како плус индикатор на МВР е и зголеменото семејно насилство. Јас тука ги охрабрувам сите оние врз кои се врши такво насилство тоа да го направат преку телефон или во најблиската полициска станица, изјави Чулев за 24 телевизија.