Порталот valandovonews.com објави вест дека Николче Чурлиновски, актуелен градоначалник на општината и кандидат за градоначалник на претстојните локални избори во општина Валандово, наводно бил повикан во Специјалното јавно обвинителство да даде исказ во врска со сослушувањето за незаконското финансирање и дека преку Оопштинскиот комитет на ВMРО-ДПМНЕ Валандово било овозможено перење пари за финансирање на изборните кампањи на партијата.
Чурлиновски овие информации ги опиша како невистини и клевети и поднесе кривична пријава за истите.
„Веднаш по дознавањето на ваквите клевети и невистини, согласно чл.149 од КЗ на Р.Македонија поднесов кривична пријава во ПС Валандово за злоупотреба на лични податоци. Лично сметам дека со објавата на ваквите невистини ми е повреден угледот и авторитетот како личниот, така и на моето семејство и затоа барам од институциите да ги превземат сите потребни дејствија за расчистување на случајот“, рече Чурлиновски.
Упати критика до порталот и до оние коишто се кријат зад него и порача дека во ниеден момент нема да деградираат лично него и неговиот постигнат успех
„Делата зборуваат многу повеќе за мене отколку ваквите дневни политички местенки. Кога политичкиот опонент нема што да му понуди на граѓанинот бидејќи на безброј наврати си го има извалкано лицето пред народот,се служи со ваква црна кампања и со режирани настани. Мој приоритет се граѓаните на општина Валандово и подобро утре за сите нив така што ваквите местенки нема да ме демотивираат да се борам за поубав живот во Валандово заедно со моите сограѓани. За крај,сакам да Ве потсетам на локалните избори во 2005 година кога за првпат се кандидирав за градоначалник на општина Валандово дека мојата девиза беше: „Само чесните луѓе заслужуваат да ја водат општина Валандовo”. На оваа девиза останувам и ден денес и искрено се надевам дека институциите ќе си ја завршат својата работа професионално и дека лицата кои што се виновни за ова дело ќе излезат пред лицето на правдата“, реагира Чурлиновски.