CIA: 15.000 Руси загинале во украинската војна

Американската Централна разузнавачка агенција (CIA) проценила дека руските човечки загуби во војната во Украина можеби достигнале 15.000 луѓе и 45.000 ранети, изјави нејзиниот директор Вилијам Барнс додавајќи дека Украина, исто така, претрпела „значителни загуби“.

По пет месеци откако Русија ја започна својата, како што ја нарекува изнудена превентивна специјална воена операција во Украина, според процените на Западот нејзините трупи „макотрпно го освојуваат“ подрачјето на доминантно руската и рускојазична индустриска област Донбас. Тоа претставува петтина од украинската територија, а силите лојални на Киев имаа контрола на само уште две поголеми места на административната граница од одметнатите региони Луганск и Доњецк пред превратот во март 2014 година.

Барнс, зборувајќи на „Aspen Security Forum“ во Колорадио, рече дека тие „добивки се со голема цена“.

„Последните процени на американската разузнавачка заедница би биле нешто близу 15.000 убиени и можеби трипати повеќе ранети (руски војници). Значи, доста значителни загуби… И Украинците, исто така, претрпеле, веројатно малку помалку од тоа. Но, знаете, значителни загуби“, тврдеше Барнс.

Русија, вообичаено како и секоја друга земја (на пример САД во војните во Авганистан и Ирак не ги објавуваше бројот на загубите туку тоа го правеа неофицијално посебни приватни институти, ресурси и медиуми) ги класифицираше загинувањата на своите војски како државна тајна и не ги ажурира своите официјални податоци за загубите. На 25-ти март, беше објавено дека дотогаш во Украина загинал 1.351 руски војник.

Властите во Киев, пак, смртта на 15.000 руски војници го соопштија уште во првата седмица од војната, но откако очигледната пропаганда не мина ниту во западните медиуми престанаа со таквите објави. Но во јуни Киев потврди дека секојдневно на боиштето гинат меѓу 100 и 200 украински војници, што се совпаѓа и со бројките кои на редовните дневни брифинзи ги соопштува руското министерство за одбрана наведувајќи ги загубите само на противничката војска.

Во средата вечерта рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров предупреди дека руските воени цели во Украина во моментов излегуваат „надвор од Донбас“, поради испораките на американските и британските ракетни системи со долг дострел со кои украинската војска тврди дека наводно ја гаѓа логистиката на руските трупи а Москва ја обвинува дека секојдневно гранатира цивилни населби во Донбас со секојдневни десетина мртви цивили меѓу кои и деца.

„Тоа значи дека географските задачи ќе се прошират уште подалеку од сегашните линии“, рече Лавров

Тоа е најјасното предупредување досега дека Русија ќе ги прошири своите воени цели, откако пред две седмици и рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека доколку Западот продолжи со испораки на ракетните и артилериски оружја со долг дострел на Киев, руските војски ќе започнат со напади по длабочината на украинската територија врз цели кои досега беа надвор од воените дејствија.

Меѓутоа, шефот на CIA рече дека барем засега концентрацијата на руските трупи во Донбас сугерира дека ги „научиле тешките лекции од неуспехот на кампањата“, каде ш Москва го запре својот напад врз Киев.

„На некој начин, она што руската војска го стори е повлекување на полесен начин од војната, во одредена смисла, користејќи ги своите предности и огнена моќ на долг дострел за да се спротистави и ефикасно уништи украински цели и да ги компензира слабостите во личниот состав коишто сѐ уште ги имаат“, рече Барнс,

Меѓутоа, воените аналитичари, па дури и многу американски, не се согласуваат со таквите процени на функционерите. За повеќето, рускиот десант и тргнување кон Киев на самиот почеток од инвазијата имало точна определена мисија за што сведочи и брзото заземање на воениот аеродром крај украинската престолнина, како и тактика за привлекување на украинските трупи за да се олесни нивниот притисок врз Донбас. Исто така, аналитичарите се согласни во врска со невообичаено малиот број руски војници ангажиран во кампањата, околу 100.000, наспроти вообичаените стратегии дека војската којашто напаѓа треба да биде повеќекратно поголема од онаа што се брани и која е со тоа во предност.

Украинските сили соопштија во четвртокот дека убиле 111 руски војници во текот на изминатата седмица во борбите на југот и на истокот од земјата.

Руската воено-цивилна управа во регионот Запорожје објави дека Украина извела напад со дрон врз тамошната, најголема во Европа, нуклеарна централа, но дека реакторот не е оштетен. Повеќе експлозии се слушнале и во јужниот регион Херсон во текот на ноќта, каде цела седмица украинските сили одмазнички гранатираат откако тамошните власти најавија референдум за присоединување кон Руската Федерација.