Циклонот Габриел се оддалечува од Нов Зеланд, започнуваат напорите за опоравување

Циклонот Габриел ослабна и се оддалечи од Нов Зеланд во средата, додека земјата почна да ја проценува штетата предизвикана од поројните поплави, одроните од кал и силните ветрови во кои загинаа три лица, а илјадници беа принудени да ги напуштат своите домови.

Габриел, циклонот што стигна до Нов Зеланд во неделата пред да се премести по источниот брег на Северниот остров, отсече цели градови, однесе фарми, мостови и добиток и потопи куќи, пренесуваат медиумите.

„За среќа, минавме низ најлошото невреме, но сè уште не сме надвор од опасноста“, рече министерот за управување со вонредни состојби, Киеран МекАнулти, во текот на брифингот за медиумите.

„Ова е значајна катастрофа и ќе бидат потребни неколку седмици за да се опорават оние области кои се најпогодени… во тоа сме на долг рок“, рече министерот.

Од жителите на тешко погодените области сега се бара да штедат вода и храна поради стравувањата од недостиг откако циклонот го принуди Нов Зеланд да прогласи национална вонредна состојба во вторникот, само третпат во својата историја.

Делови од новозеландскиот Северен остров, каде живеат околу 75 отсто од петте милиони жители на земјата, ја доживуваат втората голема бура во последните неколку седмици. Рекордните дождови минатиот месец предизвикаа поројни поплави, а четири лица ги загубија животите.

Екипите за итни случаи во средата пронајдоа тело за кое се верува дека е тело на волонтер пожарникар кој билпријавен за исчезнат од неделата навечер по лизгање на земјиштето на плажа во близина на најголемиот град во земјата, Окленд, соопштија властите.

Уште две лица се потврдени мртви во заливот Хок, регион на источниот брег на Северниот остров. Властите проценуваат дека досега се раселени повеќе од 10.000 луѓе.

Хеликоптери ги превезуваа луѓето заглавени на покривите на безбедно, додека воените авиони ќе се користат за испорака на основните материјали во изолираните градови, рече МекАнулти.

Метеоролошката служба WeatherWatch соопшти дека циклонот Габриел сега се наоѓа на исток од земјата и дека продолжува да ја следи подалеку од Северниот остров и времето сега се подобрува.

И домашните и меѓународните летови се обновени, иако летовите може да бидат прекинати на неколку дена, објави аеродромот во Окленд во твит во средата наутро.

Сепак, реките во заливот Хок остануваат ризик и локалната управа за вонредни состојби нареди дополнителна евакуација рано во средата. Околу 225.000 клиенти низ островот останаа без струја, што го отежнува чистењето.

Силни ветрови и обилни дождови го погодија Северниот остров, дом на повеќе од три четвртини од петте милиони жители на земјата, ноќта меѓу понеделникот кон вторникот, предизвикувајќи поплави и лизгање на земјиштето.

Премиерот Крис Хипкинс го нарече Габриел „најзначајниот временски настан што се случи во Нов Зеланд овој век“, а беше прогласена национална вонредна состојба во текот на една седмица.