Ципрас бара од ЕУ јасно да ги каже последиците од непочитувањето на Договорот од Преспа

Поранешниот грчки премиер и еден од потписниците на Преспанскиот договор, Алексис Ципрас бара од меѓународната заедница, а особено ЕУ, јасно да ги кажат последиците што непочитувањето на Договорот од Преспа ќе ги има врз регионот, а особено врз иднината на Македонија.

Ципрас вчера претседаваше во Стразбур со Комитетот за Западен Балкан на Советот на Европа, а според информациите од Грција, фокусот бил ставен на важноста на Договорот од Преспа за мирот, стабилноста и европската перспектива на Западен Балкан, особено во време на големи предизвици во регионот.

На средбата со посебна покана учествуваа поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу и професорите Константинос Филис од Грција и Кристијан Фидановски од Македонија.

Папандреу истакнал дека сè додека регионот е ранлив на националистички конфронтации, ќе бара заштитници и ќе тоне во нестабилност и нови конфликти, а наспроти тоа дека е потребно сите да го почитуваат принципот на добрососедство, на посветеност на демократските принципи, на почитување на човековите права и владеењето на правото и паралелно ја истакнал важноста на Договорот од Преспа за иднината на Западен Балкан и регионалната соработка.

Шест години по потпишувањето на Преспанскиот договор во селото Нивици со кој се затвори дваесет и петгодишниот спор со Грција, се уште има обврски кај двете држави кои треба да се имплементираат а договорот се уште предизвикува тензии меѓу Северна Македонија и Грција.

На 17 јуни 2018 година свој потпис на Договорот од Преспа ставија тогашните министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас, а до нив стоеја тогашните премиери Зоран Заев и Ципрас. Првите честитки дојдоа од посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан и поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини кои беа присутни на потпишувањето на договорот. Преспанскиот договор официјално стапи на сила на 12 февруари 2019 година.