Ципрас доби поддршка од своите сопартијци за договорот со еврогрупата

Грчкиот премиер Алексис Ципрас доби поддршка од пратениците од партијата Сириза во врска со договорот со еврогрупата. Ципрас ги извести парламентарците и за преговорите на Грција со нејзините меѓународни кредитори.

Според извори од Владата, Ципрас побарал од своите пратеници со кревање рака да покажат дали го поддржуваат договорот со еврогрупата и мнозинството биле „за“, јави АНА.

– Резултатот ќе зависи и ќе биде проценуван во однос на начинот на кој работиме како влада. Управуваме врз основа на мандат на народот. Ќе го почекаме процесот во странските парламенти и во следните два или три дена ќе го формулираме политичкиот предлог, изјави Ципрас на крајот од состанокот.

Министрите за финансии од еврозоната одобрија 4-месечно продолжување на програмата за финансиска помош за Грција. Националните парламенти во 18 држави од еврогрупата сега треба да одобрат продолжување на програмата за помош на Атина.