Проблемот со името, повторно причина за „мини дипломатски скандал“ во Њујорк. Ципрас не отиде на самит за ИСИС поради уставното име на Македонија.
Алексис Ципрас одлучи Грција да биде без претставник на состанокот под палката на Обама, само затоа што нашата земја беше заведена под уставното име, јавува „Канал 5“.
Завчера од кабинетот на Ципрас, во програмата на грчкиот премиер испратена до медиумите го најавија учеството на самитот, а вчера пратија нова, изменета во која на местото на состанокот, стоеше средба со турскиот премиер.
Весникот Вима, како што објави Канал 5, пишува дека постоело незадоволство во грчката делегација и барање за промена и наместо уставното име на Република Македонија да се употребува времената референца ФИРОМ. Но, откако не биле слушнати грчките поплаки, Ципрас, Коѕиас и другите одлучиле да не се појават на состанокот.
Грчкото столче на денешниот самит за ИСИС остана празно, а владини извори за медиумите во Грција објаснуваат зошто била донесена ваква одлука.
Првата причина е затоа што Македонија ќе учествувала под уставното име и второ затоа што Алексис Ципрас немал прво на обраќање, што значи и немање можност за искажување на незадоволствотои нивниот став за темата.
Одбиеното грчко барање за промена на името Република Македонија во ФИРОМ било дополнително зајакнување на одлуката на грчкиот премиер да го откаже учеството.
Американски извори за дописникот на ТВ Мега од САД, реакцијата на грчката влада ја коментирале како прекумерна, а одлуката на Ципрас да не учествува – неоправдана.
Во исто време со „дипломатскиот инцидент“ на официјалниот твитер профил на грчкото МНР беше објавена фотографија на Никос Коѕиас со Никола Груевски, но без никакво дополнително објаснување. Ниту пак постои официјално соопштение, ниту пак беше најавена некаква средба на македонските и грчките претставници во Њујорк.