Според руските медиуми, премиерот на Грција, Алексис Ципрас денеска ќе оствари изненадувачка средба со претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин.
Оваа ненајавена посета ги обнови гласините дека Грција ќе бара кредитна помош од Русија. На прашањето поставено од новинар на агенцијата AP, дали Русија денес ќе му понуди пари на Ципрас, заменикот-претседател на руската влада, Аркадиј Дворкович одговорил дека “не може да коментира специфични одлуки”.
Грција со кредиторите преговара околу исплатата на последната транша од долгогодишниот кредит која касни уште од март. Без тие пари, грчката влада нема да може да најде 1,6 милијарди евра за исплата на ратата од долгот кон ММФ, кој доспева на 30-ти јуни.
За време на својата втора посета на Путин последниве 3 месеци, Ципрас ќе пристигне со четири министри, а во Санкт Петерсбург ќе остане до утревечер.
Дворкович исто така нагласил дека посетата на Ципрас е пред се билатерална, но дека може да се толкува и како порака до кредиторите на Грција.
“Тоа е сигнал од грчката влада до Европа дека Грција е отворена за соработка со нас”, изјавил заменикот претседател на руската влада.
Приближувањето на Грција кон Русија допринесе и за гласините дека Москва ќе ја употреби Грција, како и некои други земји (пред се Унгарија и Чешка), при гласањето кога ЕУ ќе одлучува дали да се продолжат санкциите кон Русија.
Фото: AP