Излегување на Грција од еврозоната ќе биде ампутирање на Југоисточна Европа, изјави денеска грчкиот премиер Алексис Ципрас на Кипар, каде е во својата прва официјална посета како премиер, објави МИА.
Тој во Никозија се сретна со кипарскиот претседател Никос Анастасиадис, пред посетата на Рим, Париз и Брисел каде ќе бара поддршка за неговата нова економска програма.
Коментирајќи ги плановите на новата влада на Грција во врска со Ексклузивната економска зона (ЕЕЗ), Ципрас рече дека ќе преземе „внимателни чекори“ за прашања кои влијаат врз односите на земјата со Турција.
Во однос на извештаите дека претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер размислува да стави крај на моделот на тројката, грчкиот премиер рече дека тоа ќе биде „зрело и неопходно за развој на Европа“.
Анастасиадис се согласи дека тоа ќе биде „позитивен институционален чекор“.
Покрај другото, Ципрас сугерираше дека сите Европејци ќе имаат корист од новата грчка Влада и постигнувањето нов договор со нејзините партнери од еврозоната.
– Позитивен заклучок од разговорите на Грција со еврозоната ќе има позитивни ефекти за Грците, Турците и сите Европејци, рече тој.
Грчкиот премиер, исто така, нагласи дека нема намера да побара заем од Русија.
– Ние сме во значајни преговори со нашите партнери во Европа и тие ни позајмија. Имаме обврски кон нив. Во моментов, на маса нема други размислувањa -рече Ципрас како одговор на новинарско прашање за Русија.