Грчкиот премиер Алексис Ципрас ги купува изборите за Европскиот парламент, се најчестите наслови во петокот во дел од грчките медиуми.
На малку повеќе од една седмица, премиерот Алексис Ципрас, челник на владејачката коалиција на радикалната левица Сириза, посегнува по сите средства, па така и по готовината за купување гласови, пишува порталот iefimerida.gr
Намалување даноци, триенаесетта пензија, се само дел од најновите мерки кои ги соопшти владата. Така, на пример пензионерите овојпат пензиите ќе ги земаат предвреме, беше објавевно во петокот.
Јасно е дека, како што се наведува во анализите, Ципрас, соочен со пораз на европските избори, кои ќе се спроведат на 26-ти мај, сака што е можно повеќе да го ублажи поразот, посегнувајќи по популистички мерки од кои грчките странски кредитори со неверување креваат раменици. Германскиот весник Handelsblatt неодамна објави, повикувајќи се на извори во ЕУ, дека во Брисел не гледаат благонаклоно на потезите коишто ги преземаат Ципрас и неговата влада, како и дека тоа ќе се одрази врз економската кондиција на Грција.
Но, премиерот Ципрас сега нема време да се осврнува наназад, туку гледа како да го намали јазот со опозициската Нова демократија, која во анкетите води со повеќе од осум отсто. А, токму конзерватиците на Киријакос Мицотакис европските избори ги гледаат како референдумско изјаснување кое може да води и кон предвремени парламентарни избори.
Меѓутоа, ветувањето за исплата на пензиите два дена пред изборите е само дел од низата популистичките мерки на левичарот Ципрас, односно „автобусот е наполнет со кеш’, пишува iefimerida.gr, Ефимерида“. Прво пензионерите ќе добијат ткн бенефиција од тринаесетта пензија. Одобрен е надомест за затворскиот персонал, кој неодамна штрајкуваше заради лошите услови за работа, дадени се зголемувања на платите за чистачите во училиштата. На 20-ти мај, а не како што е вообичаено на 1-ви мај, ќе се случи поврат на данокот за храна, што е исто така ставено на сметка на кешот во автобусот наменет за купување гласови.
А, згора на сѐ, се надоврзува скандалот со новата политичка ѕвезда на Сириза од северна Грција, солунчанката Катерина Нотополу, која во четвртокот повторно отвораше метро станица на метро кое уште не постои. Но, велат медиумите, потребно е некаква активност, нешто да се случува. Инаку, солунското метро е предвидено, доколку сѐ оди според плановите, да се отвори наесен.