Ципрас-Вучиќ: Иднината на Балканот врз основа на меѓународното право

Грчкиот премиер Алексис Ципрас изјави дека со премиерот на Србија Александар Вучиќ заклучиле оти иднината на Балканот може да се гради само врз основа на меѓународното право, а не на неразумни дејствијата и непочитување на меѓународните договори.

– Заеднички истакнавме дека иднината на Балканот може да се гради само врз основа на меѓународното право, меѓусебно почитување, дијалог и соработка, а не со кршење на правилата, не со интервенции, не со предизвикување и непочитување на меѓународното право и неразумни дејствија поврзани со непочитување на меѓународните договори, рече Ципрас на заедничката прес-конференција по средбата со Вучиќ.

Во врска со тоа, рече тој, Србија има клучна улога за мирот и стабилноста, меѓу другото, и преку континуитетот на тешкиот, но неопходен дијалогот со Приштина. Мирот и стабилноста во регионот, според него, можат да се обезбедат само со заеднички прифатлививи решенија за косовското прашање.

– Имајте предвид дека Грција ќе остане на својот став кој е поврзан со почитување на меѓународните принципи во решавање на ова прашање, рече Ципрас.

Тој исто така, истакна дека од стратешко значење е вклучувањето на Србија во ЕУ, поради што Грција активно го поддржува патот на Србија во ЕУ и знае дека постојат големи тешкотии и жртви кои народот мора да ги претрпи за да ја оствари својата цел.

Премиерот на Грција исто така повика на зајакнување на дијалогот за решавање на прашањето со мигрантите.

– Треба да ги избегнеме појавите што ги видовме минатата година. Минатата година, некои сили имаа еднострани акции и на своја рака се обидуваа да го решат ова прашање, рече Ципрас.

Тој на српскиот премиер му се заблагодари и за ставот на Белград кон кипарското прашање и почитување на меѓународното право.

Ципрас рече дека грчкиот и српскиот народ се поврзани со значајни историски, културни и духовни врски, кои се засновани на меѓусебно почитување и искрено пријателство, но и солидарност во тешки моменти.

Тој укажа и на економската соработка, потсетувајќи дека Грција е трет инвеститор во Србија, и оти е многу важна туристичка дестинација за српските туристи, а договорено е да се направат конкретни чекори за понатамошно подобрување на соработката, со цел таа да биде стратешка.

Вучиќ информира дека на пролет во Солун ќе биде одржана заедничка седница на владите на Србија и Грција, додавајќи дека двете земји уште посилно ќе тргнат во заедничка иднина. Тој прецизира дека на таа седница ќе бидат изготвени конкретни мерки за заедничка соработка, кои би биле во интерес на граѓаните на двете земји.

Српскиот премиер рече дека на денешната средба со Ципрас станало збор и за економската соработка, поцврста соработка меѓу двете земји и за регионалната соработка и стабилност во регионот.

– Имавме долги исцрпни и сериозни разговори, пред се го нагласвиме големото пријателство што постои меѓу Србија и грчкиот народ, меѓу двете земји, но нашите разговори не се засноваа на она што е минато, туку на она што треба да го правиме во иднина, рече Вучиќ.

Тој рече дека економската размена меѓу двете земји во моментов изнесува 380 милиони евра, што не е доволно, и оти целта е таа да се зголеми во наредните години.

Туризмот е многу важен, реше Вучиќ, и истакна дека Грција е прва дестинација за српските граѓани, но и дека бројот на грчки туристи значително се зголемил во 2016 година, во споредба со 2015 година.

Вучиќ истакна и дека Србија може да го зголеми извозот на земјоделско-прехранбени производи во Грција.

Тој подвлече дека е важно да се изгради подобра железничка инфраструктура и пруга која ќе ги поврзува Белград и Солун, и оти целта е до 2020 година од Будимпешта преку Белград до Солун да се стигне за помалку од 30 часа, а не за 49 часа, колку што е сега потребно.