Ципрас: Заев е првиот премиер што прифати ерга омнес

Грчкиот премиер Алексис Ципрас го искористи македонскиот премиер Зоран Заев да се одбрани од критиките во врска со името „Република Илинденска Македонија“ на лидерот на опозициската „Нова демократија“, Киријакос Мицотакис во грчкиот парламент. Ципрас рекол владата јасно и навремено излегла со став, а лично тој се стремел кон што е можно побрзо информирање за предлогот, јавува дописникот на МИА.

Ние јасно изјавивме дека преговараме врз основа на четирите имиња предложени од ОН, конкретно пакетот предлози од Метју Нимиц. Од Софија, пред да се вратам, во моите изјави на прес конференцијата реков дека, и покрај напредокот, уште имаме пат да поминеме за да имаме договор, но и дека приоритет за нас, за грчката страна, е обезбедување на ерга омнес и уставна ревизија и како што видовте за ова прашање имавме важен напредок. Господинот Заев е првиот премиер од соседот што јавно ја прифати оваа перспектива за сложено име, ерга омнес со уставна ревизија. Ова го немате до сега видено во период кога вашата партија се наоѓаше во влади што преговараа, како што и немаме досега видено да се врши толку голем притисок врз извршната опозиција на соседната земја, рече грчкиот премиер.

Претходно, претседателот на „Нова демократија“, побара од грчкиот премиер јасно да каже дали го отфрлил предлогот за „Република Илинденска Македонија“ или „сѐ уште тајно се разговара за тоа“.

И покрај тоа што во денешната расправа во грчкиот Парламент главна тема е економијата, сепак, не изостана и прашањето за името, во говорите на лидерите на политичките партии.