Поранешниот грчки премиер, Алексис Ципрас, преку „Фејсбук“, денеска и официјално го промовираше новиот Институт што го носи неговото име, а првиот јавен настан ќе биде денеска и утре, односно меѓународната конференција за мир и одржлив развој, која ја организира заедно со Фондацијата „Заев“, јави дописничката на МИА од Атина.
– Дојде време Институтот што го подготвуваме моите соработници и јас долго време, да го започне своето патување – напиша Ципрас на „Фејсбук“ и официјално најавувајќи ја конференцијата на 17 и 18 јуни, односно, како што напиша, „точно шест години по потпишувањето на Договорот од Преспа“.
– Имаме амбиција да ја организираме меѓународната конференција секој јуни, заедно со Фондацијата „Заев“, со цел да ја промовираме пораката за мир и соработка на народите, да го продлабочуваме дијалогот, но и да ги потенцираме прогресивните идеи, решенија и конвергенции за големите предизвици од нашето време – напиша Ципрас.
Од нашата земја, ќе учествуваат поранешните премиери Зоран Заев и Владо Бучковски и поранешниот министер за надворешни работи и поранешен вицепремиер, Никола Димитров. Паралелно, Ципрас и Заев ќе говорат за Договорот од Преспа и на специјалниот претставник на ОН во преговорите, Метју Нимиц, ќе му ја доделат наградата од Преспа.