Скулптура на коњ во движење е поставена на покривот на една висококатница во швајцарски Цирих како дел од планот на градот да додаде уметничка вредност на своите населби.
Скулптурата, насловена „Нескротениот хоризонт“, дизајнирана и создадена од уметникот роден во Цирих, Ив Нецамер, е направена од метал и има подвижни зглобови кои ѝ овозможуваат да ја движи главата, да ги крева задните нозе и да имитира мал кас на по подлогата.
Цирих гради нов станбен кварт во самиот центар на градот, каде што треба да живеат приближно 600 жители во близина на трамвајското складиште, кое е заштитено како историски споменик.
Коњот е еден од двата проекти дизајнирани да „додадат уметничка вредност“ на соседството, соопшти градската управа, објаснувајќи дека скулптурата на коњот е избрана затоа што ова животно било претходник на електричниот трамвај, кој се користел во градскиот сообраќај повеќе од сто години.