Министерството за внатрешни работи по поднесена претставка ја проверува вистинитоста на документите со кои се потврдува образованието на Блажо Трендафилов, кој во моментов раководи со Управата за финансиско разузнавање. Како што дознава Нетпрес, постојат неколку сомнителни факти во однос на неговото образование поради што било побарано МВР да утврди дали Трендафилов лажел кога аплицирал за работа во Управата и за функцијата.
Интересно е што во биографијата навел различни факти кога конкурирал за работа во Управата во 2008 година со тие кога лани конкурирал за раководното место. Според документите од биографијата на Трендафилов, тој завршил две средни училишта, три факултети, работел во циркус, снимал филмови и бил агент на „Кока-Кола“ во Германија и се тоа додека студирал.
Трендафилов во својата биографија која ја поднел во 2008 година на огласот за вработување во тогашната Управа за спречување на перење пари и финансирање тероризам, наведува дека средно образование завршил во Воена Гиманзија Кумровац, Загреб 1980-1984, а во биографијата поднесена во 2017 година до Владата на РМ, за конкурирање за директор на УФР, наведува дека средно образование завршил во електро-техничкото училиште „Никола Тесла“ во Скопје.
При конкурирањето за вработување во тогашната Управа за спречување на перење пари и финансирање тероризам, Трендафилов наведува дека завршил високо образование дури на три високообразовни институции, и тоа Факултет за електротехнички науки „Михајло Пупин“ Загреб во периодот од 1985-1991 година, Електротехнички факултет „Никола Тесла“ Скопје во периодот од 1989-1991 година, „Национална филмска академија“ во Прага, Чешка во периодот од 1989-1993 година.
Во биографијата со која конкурирал за директор на УФР, Трендафилов наведува дека високо образование завршил на Електротехничкиот факултет на УКИМ во Скопје, насока енергетика.
Во уверението за завршени додипломски студии, „издадено“ од Факултетот за електротехника во Скопје е наведено дека досието на Трендафилов е со број 273/84, што значи дека истиот се запишал на тој факултет во 1984 година, што е факт кој никако не се совпаѓа со останатите податоци од биографиите.
Дополнително, во самото уверение очигледни се неколку суштински неправилности, како на пример, во предметот Физика 1, оценката со букви е запишана „седум“, но бројчаната оценка е „шест“. Исто така, просекот од студирањето, односно средната оценка на положените испити, не се совпаѓа со математичката пресметка од приложените оценки во уверението (не одговара ниту една комбинација, со или без земање предвид на оцената од дипломската работа).
За сето ова, погоре наведено, поднесена е претставка до МВР за утврдување на вистинитоста на документите со кои се потврдува образованието на лицето Блажо Трендафилов, но министерствоо до сега не презело никакви активности за расчистување на сомнежот кој се формира околу контроверзниот директор.