Цивилите почнале да излегуваат од фабриката „Азот“ кај Северодонецк

Цивилите започнаа да излегуваат од засолништата и кругот на хемиската фабрика „Азот“ крај источниот украински град Северодонецк, блокирани од единиците на проруските сепаратисти од Луганск и руската војска, објави во саботата вечерта ткн амбасадор на самопрогласената Луганска Народна Република во Москва, Родион Мирошник.

„Цивилите започнаа да излегуваат од ‘Азот’! Цивилите минуваат преку вториот приод излегуваат од хемискиот комбинат ‘Азот’. Овој приод не е контролиран од милитантите (украинските борци – з.р.). Нив ги пречекуваат и носат на безбедно место борците на сојузничките сили“, напиша Мирошенко на својот Telegram канал.

Според него, остатоците од украинските формации држат неколку згради во областа на првиот влез во фабричкиот комплекс.

„Таму повремено има престрелки. Сѐ уште држат неколку стотина цивили како заложници. Како што се стеснува обрачот околу милитантите, цивилите ќе можат да ги напуштат своите засолништа. Сојузничката војска подготвува транспорт за евакуација“, додава Мирошенко.

Претходно во саботата руската новинска агенција РИА, повикувајќи се на извори од проруските единици запознаен со текот на преговорите, објави дека украинските борци, кои се блокирани во хемиската фабрика „Азот“ крај Северодонецк, на работ од одметната проруска источна област Луганск, побарале од проруските и руските сили да им биде овозможен слободен премин кон соседниот град Лисичанск кој сѐ уште е под контрола на силите лојални на Киев заедно со цивилите.

Според соговорникот на агенцијата, во моментов во фабриката има останато уште околу 300 до 400 припадници на различни украински формации. Истакнал дека сите правци за извлекување на украинските борци од фабриката се отсечени.

„Комуникацијата со нив е воспоставена, преговорите најверојатно ќе продолжат“, додал соговорникот, според чиишто процени повеќе од 1.000 цивили, вклучително и неколку стотини работници во фабриката со членовите на нивните семејства и жители на околните населби, во моментов се во противоздушните засолниште на територијата на хемискиот комбинат „Азот“.

Претходно за ваквите преговори меѓу проруските сепаратисти и украинските борци во „Азот“ за руските медиуми зборуваше и ткн амбасадор во Москва Мирошник. Според него, таквите барања на украинската страна се неприфатливи, но доколку ги ослободат цивилите коишто според него ги држат како заложници и жив штит и се предадат, „ќе им биде гарантиран“ животот.

Претходно во саботата ноќта именуваниот од Киев гувернер на Луганск, Серхи Гајдај, во објава на Telegram каналот објави дека и натаму е под контрола на Украина хемиската фабрика „Азот“ во која „се засолниле стотици цивили“.

„Информациите за блокада на фабриката се лага. Нашите сили и натаму ја држат под контрола зоната Северодонецкј и ги напаѓаат и уништуваат руските сили во градот“, објави Гајдај.

Според украински извори во неколкуте засолништа под фабриката „Азот“ уште од советскиот период, „се засолниле“ околу 800 луѓе. Наводно, меѓу нив се 200 вработени во фабриката и 600 жители на Северодонецк.

Борбите за Северодонецк траат од почетокот на мај. Украинската страна често дава спротивставени објави дека нејзините сили или се повлекле или дека напредуваат во градот, признавајќи сепак дека сепаратистичките сили помогнати од руските единици заземале некои градски населби. Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, пак, претходно седмицава изјави дека станбените реони во градот се целосно ослободени, а дека продолжуваат борбите во индустриската зона каде е комбинатот „Азот“.

Проруските сили со поддршка на руската војска настојуваат што поскоро да воспостават контрола над целата административна територија над рударскиот басен Донбас кој ги опфаќа Доњецкиот и Луганскиот регион, доминантно руски и рускојазични области, кои проруските сепаратисти значително ја контролираа по превратот во Киев во 2014 година. Северодонецк и блискиот Лисичанск, кои се на 80 километри од украинскиот административен центар Краматорси, се клучни за остварување на тој план.