Документи кои наводно потекнуваат од американската војска и американските разузнавачки служби кои беа објавени на интернет, укажуваат дека САД го шпионирале украинскиот претседател Володомир Зеленски, како и дека во Вашингтон се разработувало сценарио како Израел да се принуди да му испорача на Киев смртоносно оружје.
„Еден од документите открива дека Соединетите држави го шпионирале Зеленски“, се вели во прилогот на CNN од неделата.
Извор близок на украинскиот претседател рекол за телевизијата дека не е изненаден од таквата ситуација и ја нарекол „очекувана“.
Притоа, се нагласува дека украинските власти се „длабоко разочарани“ од истекувањето на доверливите документи кои се однесуваат на подготовките на САД и НАТО за подготовка на украинската војска за најавуваната противофанзива, поради што Киев морал да измени некои од своите првични планови.
Според CNN, американскиот разузнавачки извештај кој се темелел на податоци од електронско разузнавање покажува дека Зеленски кон крајот на февруари „предложил да се изведат напади врз локации на распоредување на руските трупи во Ростовската област“ близу границата со Украина со помош на беспилотни летала, бидејќи украинските сили не располагаат со оружје со дострел способно да ги достигне тие цел. Споменатата руска област беше повеќепати цел на украински удари со дронови, кога беа погодени цели од критичната инфраструктура но и цивилни објекти при што од почетокот на војната имаше неколку загинати и десетици ранети.
Според CNN, добиените разузнавачки информации може да ги објаснат последователните изјави од САД за тогашната неподготвеност да ѝ се предаде на украинската војска оружени системи со долг дострел, поради стравувањата дека Киев ќе ги искористи за гаѓање цели во Русија што ќе води до ескалација на судирот. Тогаш извори од Вашингтон изјавуваа дека добиле гаранции од украинската страна дека таквите видови оружја нема да бидат користени за напади длабоко во руската територија.
Истовремено, во прилогот на CNN се наведува дека тајните документи кои неколку седмици веќе биле делумно објавени на интернет, содржеле и сценарија за потенцијално снабдување со смртоносно оружје на Киев од страна на Израел.
Израелската влада ја осуди руската воена интервенција во соседната земја, но Израел не ѝ воведе санкции на Русија и не му испраќа на Киев оружје. Израелката помош се состои во хуманитарни пратки, како и во опрема за лична заштита и во градење систем за рано предупредување од воздушни и ракетни удари. Таквата одлука секако е резултат на добрите односи кои Израел ги има со Русија, а особено поради тоа што Москва има големо влијание врз ситуацијата во соседна Сирија, каде што има воена моќ и никогаш таму испорачаните руски противвоздушни системи не реагираа на израелските воздушни напади врз ирански цели.
Покрај тоа во Израел, живеат стотици илјади рускојазични мигранти од Русија, Украина и Молдавија кои се доселија по распадот на Советскиот сојуз. Исто така, води сметка за благосостојбата на еврејските заедници кои во Русија имаат своја автономна република а во Украина сепак останаа и покрај стравувањата од неонацистите чија цел биле во Втората светска војна.
Како што пишува CNN, во еден од објавените документи со наслов „Израел: Начини на обезбедување смртоносна помош за Украина“, се наведува дека еврејската држава „веројатно ќе размисли за обезбедување летална помош за Украина под зголемен притисок од САД“ или во случај на влошување на односите со Русија.
Во врска со истиот сет документи, телевизиската мрежа NBC News наведува дека во документ датиран од 28-ми февруари годинава, се разгледуваат хипотетички ситуации кои може да го натераат Израел на испораки на воена помош за Украина, како и за видовите оружја кои во тој случај можеа да бидат испорачани.
Како најверојатно сценарио бил наведе ткн „турски модел“, според кој Израел, како и Турција, „ќе му продаде на Киев оружје или ќе му го испорача преку третите страни, додека отворено ќе зборува за мир и ќе ги нуди своите посреднички напори“. Алтернативното сценарио сугерирало дека поддршката на Русија за Иран и Сирија би можела „да го натера Израел да ѝ обезбеди смртоносно вооружување на Украина“.