Американската телевизска мрежа CNN објави дека во саботата го отпуштила познатиот телевизиски водител Крис Куомо, а по „дополнителните информации“ за неговите настојувања да му помогне на својот брат, поранешниот гувернер на сојузната држава Њујорк, Ендрју Куомо, да одговори на обвинувањата за „сексуално недолично однесување“.
Крис Куомо, кој ја водеше најгледанта информативна емисија на CNN во ударниот термин, беше суспендиран во вторникот. Во мај признал дека ги прекршил некои од прописите на медиумот советувајќи го братот како да се справува со обвинувањата од перспектива на односи со јавноста.
Шеесет итригодишниот Ендрју Куомо беше принуден да отстапи од функцијата гувернер на Њујорк во август, по повеќе обвинувања за сексуално недолично однесување. Притоа тој негираше вина дека сексуално вознемирувал неколку девојки, меѓу некои и вработени во неговата администрација.
„Крис Куомо е суспендиран претходно седмицава, а по натамошната процена на новите информации кои излегоа на виделина за неговата вмешаност во одбраната на својот брат“, објави медиумската куќа во саботата, без да наведе повеќе поединости за какви информации станува збор.
Додаваат дека консултирале реномирана адвокатска компанија и го раскинале работниот однос со Крис Куомо. Одлуката за тоа стапила на сила веднаш и додаваат дека истрагата ќе продолжи.
Крис Куомо првично беше суспендиран откако њујоршката државна обвинителка Летиција Џејмс, која исто така е од Демократската партија како и Ендрју Куомо, презентираше текстуални и други пораки во кои се обидел да ги искористи своите извори во медиумите за да ги дознае информациите за случајот на братот и жените вклучени во случајот.
Како што наведува агенцијата Reuters, во американското новинарство се смета за кршење на етичките норми користењето на сопствената позицијата за остваеување лични цели или спроведување истрага од лични причини.
„Ова не е начион на кој сакав да заврши мојата кариера на CNN, но веќе ви кажав зошто и како му помогнав на братот“, напиша на Twitter разочараниот 51-годишен Крис Куомо.
Крис Куомо во CNN работеше од 2013 година и во изминатите три години беше водител на вечерната информативна програма. Претходно беше допосник, експерт и водител во другите американски водечки телевизиски мрежи ABC, NBC и Fox News.