Западните извори соопштија во петокот дека украинските сили убиле и трет руски генерал. Станува збор за генерал-мајор Андреј Колесников, пренесува американската телевизиска мрежа CNN.
Според отворениот извор на мрежната страницата на руското министерство за одбрана, Колесников бил командант на Источниот воен округ.
Неименуван официјален претставник на западните одбранбени сили, за да обезбеди контекст, информирал дека само тројца руски офицери на генералштабот биле убиени за време на целиот конфликт во Сирија и процени дека Русија во овој момент има вкупно 20 генерали во Украина.
CNN претходно објави дека рускиот генерал-мајор Андреј Суховецки бил убиен додека се борел во Украина, според соопштението на градската управа на Новоросијск во Русија на 3-ти март.
Во соопштението, властите велат дека Суховецки, заменик-командант на 41-та комбинирана армија на Централниот воен округ на Русија, загинал на 28-ми февруари „додека извршувал борбена мисија за време на специјална операција во Украина“.
Во вторникот, министерството за одбрана на Украина соопшти дека рускиот генерал-мајор Виталиј Герасимов, бил убиен во битка кај Харков. Руското министерство за одбрана засега не коментираше.