Централниот одбор на СДСМ вечерва го овласти претседателот на партијата Димитар Ковачевски да ги заокружи преговорите за поголемо мнозинство и да предложи кадровски решенија за реконструкција на Владата, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Денеска се прави добар исчекор, имаме поголемо парламентарно мнозинство за реформи и интеграција во ЕУ“, рече Кузеска.
Според неа, со принципите на платформата за соработка со Алијанса за Албанците, кои ги одобри Централниот одбор, се обезбедуваат сите услови за политичка стабилност и зголемена ефикасност на Собранието и институциите.
„Зголеменото владино мнозинство ќе се погрижи никој да не остане сам оваа зима и заздравувањето на економијата веќе да започна оваа година. Се создаваат услови за унапредување на владеењето на правото и борбата против корупцијата. Поголема поддршка добива планот за стратешкото партнерство со САД и унапредување на добрососедските односи“, рече Кузеска.
На прашањето кои министерски места ќе ги добие Алијанса за Албанците, Кузеска не сакаше да коментира напоменувајќи дека одлуката што ја донел Централниот одбор е во насока на политики за реформи и за интеграциите во Европската Унија.
„Во таа насока е и одлуката која денеска ја донесе Централниот одбор и не би зборувала за кадровските решенија. Централниот одбор даде овластување на претседателот на СДСМ да продолжи и да ги заокружи преговорите, што значи за кадровските решенија би зборувале откако тој процес ќе биде заокружен“, додаде Кузеска.
Таа додаде дека може да се очекува премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски наскоро да излезе со решенијата кои ќе значат реконструкција на Владата.
Кадровското освежување, додаде таа, ќе донесе нова енергија во реализација на мерките и политиките на Владата на СДСМ во интерес на сите граѓани.
„СДСМ го задржува бројот на министри како и досега, имаме зголемено мнозинство во Собранието, поголема поддршка на реформскиот и европскиот курс на земјата и политичка стабилност. Се отвора можност за соработка на локално ниво и унапредување на квалитетот на живот на граѓаните“, додаде таа.
Кузеска осврнувајќи се на „радикалните елемнти“, оцени дека Левица го зема ВМРО-ДПМНЕ како заложник.
„Опасноста е земјата да биде зафатена од радикални елементи како Левица кои сакаат да го сменат нашиот пат кон ЕУ и да не испратат во изолација и сиромаштија. За жал, Левица го зема ВМРО-ДПМНЕ како заложник исто како во деновите на Груевски кога беа блокирани евроинтеграциите. Денеска повторно закана за нашата иднина доаѓа од Апасиев и Мицкоски. Мора да ги здружиме силите и да не им дозволиме да не блокираат повторно 11 години“, подвлече Кузеска.
Во однос на парламентарните избори, Кузеска рече дека тие ќе се одржат според планираното, во 2024 година што е добро, како што напомена, за стабилноста, инвеститорите и економијата.
Вечерва и Централното претседателство на Алијанса за Албанците донесе одлука да бидат дел од Владата.
Алијанса за Албанците, како што рече лидерот Арбен Таравари, во Владата ќе има три министерски и две заменик-министерски места. Според Таравари двајца заменици-министри ќе имаат во одбрана и во земјоделство, како и три министерства од кои Правда и Здравство се сигурни и третото ќе биде или за информатичко општество или заменик-премиер за економски прашања.