Црквата го одбележува споменот на свети Јоаким Осоговски и други светии

Неракотворната икона на Господ Исус Христос

Во она време кога Господ го проповедаше Евангелието и исцелуваше секаква болест и мака кај луѓето, во градот Едеса на брегот на реката Еуфрат живееше кнезот Авгар, сиот прокажан од лепра. Тој чу за Христос, исцелителот од сите болести и неволји, па испрати некој иконописец Ананија во Палестина со писмо за Христос, во коешто го молеше Господ да дојде во Едеса и да го исцели. Во случај Господ да не може да дојде, му нареди кнезот на Ананија да го иконописа Неговиот лик и да му го донесе, верувајќи дека тој лик ќе му го поврати здравјето. Господ одговори дека не може да дојде, зашто се приближуваше времето на Неговото страдање. Но Самиот зеде крпа, го избриша Своето лице од неа и врз крпата совршено се впиша Неговиот пречист лик. Таа крпа му ја предаде Господ на Ананија, со порака дека од неа кнезот ќе се исцели, но не сосем, заради што Он нему ќе му испрати подоцна пратеник којшто ќе го избрише и остатокот од неговтата болест. Кога ја прими крпата кнезот Авгар ја целива и лепрата падна од неговото тело, но му остана малку на лицето. Подоцна проповедајќи го Евангелието кај Авгар отиде апостолот Тадеј, тајно го исцели и го крсти. Тогаш кнезот ги искрши идолите што стоеја на градската порта и над портата ја стави онаа крпа со Хрисотвиот лик, откако претходно ја залепи на дрво и ја вглави во златна рамка накитена со бисери. Уште кнезот под иконата на портата го напиша и ова: „Христе Боже, никој којшто се надева на Тебе нема да се посрами.“ Подоцна еден од правнуците на Авгар го обнови идолопоклонството. И епископот на тој град дојде ноќе и ја заѕида иконата над портата. Оттогаш поминаа векови. Во времето на царот Јустинијан Едеса беше нападната од персискиот цар Хозрој и градот беше во голема неволја. Тогаш епископот Евлавиј имаше видение на Пресвета Богородица, Којашто му ја јави тајната за заѕиданата и заборавена икона. Ја пронајдоа иконата и со нејзината сила персиската војска беше победена.

Тропар
На Твојот пречист образ се поклонуваме, Благи, барајќи прошка на гревовите наши, Христе Боже, оти доброволно си благоволил да се искачиш на крст, за да ги избавиш оние што си ги создал, од ропството на ѓаволот. Затоа благодарствено Ти повикуваме: Со радост си ги исполнил сите, Спасителу наш, Кој си дошол да го спасиш светот.

Светиот маченик Диомид

Лекар од Тарс, од прочуен род. Лечејќи го народот, го поучуваше и на верата Христова. Царот Диоклецијан нареди и му ја отсекоа главата во Никеја, во 298 година. Оние што му ја отсекоа главата и му ја донесоа на царот ослепеа, а кога му ја вратија главата на телото и се помолија, оздравеа.

Тропар
Љубовта твоја кон Господа, Диомиде свети, те направи сад на благодатта Негова, од кој мноштво народ добиваше исцеленија на душата и телото, затоа за нас сега застапи се пред Спасителот Кој Себеси се принесе за измена на смртта и спасение на нашите души.

Преподобен Јоаким Осоговски

Се подвизуваше во втората половина на 11 век на Осоговските Планини, на местото наречено Сарандопор во една пештера. На тоа место подоцна подигна црква еден друг подвижник, Теодор од Овче Поле, на кого свети Јоаким му се јави во сон. Од моштите на преподобен Јоаким потоа низ вековите се случуваа многубројни чуда.

Тропар
Пустински жител и во тело ангел, и чудотворец се покажа, богоносен оче наш Јоакиме. Откако со пост, бдеење и молитви прими небесни дарови, ги лекуваш болните и душите на оние што со вера приоѓаат кон тебе. Слава Му на Оној што ти даде сила; слава на Оној што те овенча, слава Му на Оној што, преку тебе, на сите им дава исцеленија.

Кондак
Преку молитвените бдеења си примил сила против непријателот, оче Јоакиме, а со своето трпение си се искачил на небесата. Кога го остави распадливиот земен живот, се пресели во нераспадливоста. Затоа те прославуваме.

Светиот маченик Стамат

Селанец, родум од Волос во Тесалија. Кога некој нечовечен ага собираше од народот царски даноци и многу го угнетуваше народот, Стамат појде со неколкумина другари во Цариград за таму да се жалаат кај везирот. Но заради острите обвиненија кон агата Стамат се замери со големците на султанот и тие го уапсија. Најнапред сакаа да го потурчат со ласкање и ветувајќи му богатства, слава и чест. На тоа маченикот возвикна: „Моето богатство, слава и чест е мојот Христос!“ Тогаш Турците го мачеа и најпосле пред Света Софија го заклаа, во 1680 година. Така овој Христов војник стекна венец маченички.

Тропар
На вистината радувајќи се, Стаматие свети, не се приклони кон лагата на мракот, и како добриот Самарјанин животот за братот го положи, исповедувајќи дека во Христа е силата и благодатта. Радувај се, мачениче, и за нас моли се пред Светлината незалезна.

Старец Јосиф Исихаст

Старец Јосиф, во светот познат како Франциско Котис, е роден во Лефкес, на островот Парос, на 12 февруари 1897 година. Татко му се упокоил кога тој бил младо момче и поради тоа морал да замине во пристаништето Пиреја за да работи и да му помога на своето осиромашено семејство, затоа што бил втор по големина од браќата. Имал шест браќа и сестри. Во текот на раните дваесетти години од 20 век, горејќи со „невештествен оган“, дошол на Света Гора. На почетокот, кратко време живеел во Вигла, близу до манастирот на Големата Лавра, а потоа осум месеци бил духовно воден од скромниот Старец Даниил Катунакијски. Подоцна, пак, се потчинил на послушание кон еден прост, постар монах по име Ефрем, кој живеел во колибата на Благовештението во Катунакија. Во Катунакија, во пештерата на свети Атанасиј, Старец Ефрем го потстрижал Франциско во голема схима и му го дал името Јосиф. Младиот отец Јосиф се оддал на најстрог и натчовечки подвиг на пост, сиромаштво, оскудност и [трпење] неволји. Подвизите ги извршувал напоредно вежбајќи се во непрестајната умно-срдечна молитва. Ревноста никогаш не ја загубил, ниту кон крајот од животот – дури и ја зголемувал, нешто што ретко се достигнува. Низ подвигот и искушенијата го носел крстот на љубовта, во дух на крајно себеодрекување. Максимално се подвизувал во пост, сеноќни бденија и молитва. За време на Великиот пост јадел само 80 грама брашно, приготвено со малку вода и сол, а останатото време јадел храна колку што собира една мала конзерва од сардини; тоа му било за цел ден. Оваа оскудна количина била приготвена без масло, освен во сабота и недела. Вака тој се подвизувал триесетина години, додека не се собрало последното негово братство. Се упокоил во Господ на празникот на Успението на Мајката Божја, како што му била желбата, согласно ветувањето што Светата Дева му го имала дадено – во петок, утрото на 15/28 август 1959 година, по Божествената Литургија и по примањето на Светата Причест.

Тропар
Ко на пустина жител, а и трезвен првоборец, тајник созерцателен бидна, Јосиф, отче преподобен. Со бдение, со молитви и пост, небесните ги прими дарови. Затоа, моли се ти за нас, зашто со вера смело воскликнуваме: Слава на Тој што т’осветли со сјај, слава на Тој што те овенча, слава на Тој што низ тебе и нам ни дава благодат.