„Црна дупка“ на Струмичкиот театар најдобра претстава на фестивалот „Војдан Черднорински“

Наградата за уметничко остварување на претстава во целина на годинашниот 58. МТФ „Војдан Чернодрински“ денеска е доделена на претставата „Црна дупка“ од Горан Стефановски, во режија на Љупчо Ѓоргиевски на ансамблот на театарот „Антон Панов“ од Струмица.

Најмногу награди, седум, доби „Иванов“ на Македонскиот народен театар (МНТ), и тоа Зоја Бузалковска за режија, Дарја Ризова за главна женска улога, Ѓорѓи Јолевски за машка епизодна улога, Григор Јовановски за најдобар млад актер, Александар Зарапчиев и Нина Деан за кореографија и сценски движења, Зоран Кардула за рекламниот материјал. Наградени се и: Илина Ангеловска, Тодор Дајевски и Бузалковска за сценографија.

Наградите ги соопшти жири-комисијата во состав Марина Миливојевиќ-Маѓарев (претседателка) и членовите Марина Катниќ-Бакаршиќ и Варја Ѓукиќ.

– Играа со полно срце, одлучно и покажаа дека претставата ја сакаат. Играа дело посветено на авторот во фокус на фестивалот, што го имавме во предвид кога одлучувавме. Претставата „Црна дупка“ е заокружена, со јасен концепт, рече Маѓаров.