Црна Гора ги потврди првите два случаи на коронавирус

Две жени, на возраст од 72 и 47 години, едната од Улцињ а другата од Подгорица, се првите два пациената во Црна Гора кај кои е потврден коронавирусот, соопшти во вторникот вечерта црногорскиот премиер Душко Марковиќ, додавајќи дека и двете пациентки се во стабилна здравствена состојба.

Според податоците на црногорскиот Институт за јавно здравство, пред да бидат потврдени двата случаи на заразата, досега биле тестирани 98 лица на коронавирусот и сите биле негативни. Под здравствен надзор се малку повеќе од илјада лица.

Претходно во вторникот, кога сѐ уште не беа потврдени споменатите два слуачи, Националниот координативен тим за заразни болести донесе нови мерки и препораки за заштита на населението од ширењето на коронавирусот.

Меѓу новите привремени мерки се запирање на јавниот превоз на патници во меѓуградскиот, приградскиот и градскиот сообраќај со автобуси и комбиња, како и јавниот превоз на патници во внатрешниот железнички сообраќај.

Се запираат и преминувањата преку граничните премини кај Херцег Нови, кај Пљевља и Чемерно, се забранува работата на отворените и затворените објекти за спорт и рекреација и базените. Покрај тоа, се затвораат и сите козметички и фризерски салони, како и салите со шалтери во подрачните единици на полицијата и катастарот.

Националниот координативен центар за заразни болести вечерва им препорача на граѓаните да ги одложат свадбите, а погребите да се изведуваат во најтесниот круг на семејството.

Црногорската полицијата денеска уапсила уште четири лица кои ги отвориле своите угостителски објекти и покрај забраната, и ги товари кривично за делото „непостапување според здравствените прописи за сузбивање опасна заразна болест“. На сопственикот на кафулето кој беше уапсен во понеделникот по истата основа му е одреден 72-часовен притвор.

Кон крајот на минатата седмица владата во Подгорица донесе одлука за прекинување на наставата во сите воспитно-образовните установи и ги забрани јавните собири, додека во понеделникот беа затворени и угостителските објекти, забранет е влезот на странци и мешународниот патнички превоз. Сите вработени се повикани да работат од дома.