Црна Гора во понеделникот вечерта затвори три поглавја од преговорите со Европската унија, со што се удвои бројот на затворени поглавја во пристапните преговори кои беа отворени во 2012 година.
На меѓувладината конференција за пристапување, Црна Гора ги заврши преговорите во три поглавја: право на интелектуална сопственост, информатичко општество и медиуми и претприемништво и индустриска политика.
Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ на прес-конференцијата изрази надеж дека Црна Гора ќе успее да ги затвори сите преостанати поглавја во следните две години.
Ова е голем потег за Црна Гора со оглед на тоа што досега затвори само три поглавја, а последното беше затворено уште во јуни 2017 година. Црна Гора аплицираше за членство во ЕУ уште во 2008 година, а пристапните преговори ги отвори во јуни 2012 година. Досега ги отвори сите преговарачки поглавја, а од денес има вкупно шест затворени поглавја.
Комесарката за проширување Марта Кос вети поддршка во напорите за затворање на преостанатите поглавја.
„Денешната меѓувладина конференција е доказ дека проширувањето е процес заснован на заслуги“, рече Кос.
Друго поглавје – надворешна, безбедносна и одбранбена политика, беше технички подготвено да се затвори, но Хрватска одби да се согласи со тоа. Хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман изјави дека тоа „не е блокада“ и дека Хрватска силно ја поддржува Црна Гора сиве овие години од моментот кога ги започна преговорите со ЕУ.
Но, има одредени прашања кои не се од билатерална природа, хуманитарни и цивилизациски прашања, кои се универзални, додаде хрватскиот министер.
„Хрватска сигурно нема да ги стави билатералните прашања како услов за европскиот пат на Црна Гора, туку прашањето за исчезнатите лица за време на Татковинската војна, прашањето за компензација на затворениците во логорот, тоа се теми кои мора да не засегаат сите нас во Европската унија, и само Хрватска“, рече Грлиќ Радман.
Минатиот месец Хрватска испрати нон-пејпер (неформален дипломатски документ) до Црна Гора, во кој бара решавање на неколку отворени прашања кои според Загреб ги нарушуваат меѓусебните односи на двете земји.
Во тој документ, според дипломатски извори, се наведува дека двете земји треба да ги решат прашањата за сопственоста на школскиот брод „Јадран“, меѓусебното разграничување, обработката на воените злосторства, пронаоѓањето на исчезнатите лица и прашањето за името на градскиот базен во Котор кој го носи името на поранешниот ватерполист Зоран Гопчевиќ за кој Хрватска тврди дека бил чувар во логорот „Морињ“ во војните од 1990-те години на територијата на поранешна СФРЈ.