Црна Гора го отфрли договорот за поевтин роаминг

Управниот суд на Црна Гора ја прифати тужбата на црногорскиот Телеком и Теленор, со која беше побарано укинување на спогодбата за намалување на цените на роамингот во мобилната телефонија, објави МИА.

Станува збор за спогодбата, која требаше од 30 јуни на граѓаните на Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија и Македонија да им овозможи поевтино телефонирање во роамингот.

Според одлуката на Управниот суд, таквата спогодба за Црна Гора е неприфатлива од две причини. Како прво бидејќи директивата за намалување на роамингот е задолжителна само за земјите на ЕУ, а второ што таа спогодба не е ратификувана во Парламентот.

Директорот на Агенцијата за електронски комуникации Зоран Секулиќ изјави дека проблемот сега е во тоа што во земјите потписнички на спогодбата во сила се одлуките на нивните регулаторни тела за намалување на цените на роамингот.

– Граѓаните на Црна Гора ќе ги имаат тие поволности кога ќе отпатуваат во тие земји, но не и оние кои ќе доаѓаат во Црна Гора. Тоа е во спротивност со принципот на пропорционалност, рече Секулиќ.