Повеќето политички партии од коалицијата што го победи Мило Ѓукановиќ на парламентарните избори во август 2020 година ветија во четвртокот дека ќе го поддржат противкандидатот на актуелниот шеф на државата и кандидат на Движењето Европа сега, Јаков Милатовиќ, во вториот круг од претседателските избори во Црна Гора.
Јаков Милатовиќ и актуелниот претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, кандидатот на неговата Демократска партија на социјалистите (ДСП), влегоа во вториот круг од претседателските избори што ќе се одржат на 2 април. Ѓукановиќ во првиот круг го поддржаа 35 отсто од гласачите, а Милатовиќ 29 отсто.
Како што соопштија од изборниот штаб на Милатовиќ, нивниот претседателски кандидат во четвртокот се сретнал со лидерите на просрпскиот Демократски фронт, чиј кандидат Андрија Мандиќ имал поддршка од 19 отсто од гласачите во првиот круг, потоа на Демократска Црна Гора на Алекса Бечиќ, поранешен претседател на парламентот и претседателски кандидат кој освои 11 отсто од гласовите и на претставниците на граѓанската Обединета реформска акција (УРА) на техничкиот премиер Дритан Абазовиќ, кои му ветиле дека ќе ги повикаат своите гласачи да го поддржат Милатовиќ. Поддршка доби и од просрпската Обединета Црна Гора, чиј кандидат Горан Даниловиќ освои 1,3 отсто од гласовите.
„Кандидатите на Европа сега, ДФ, Демократите и Обединетата партија заедно добија повеќе од 60 отсто поддршка и над 80.000 гласови повеќе од претседателскиот кандидат на ДПС Мило Ѓукановиќ“, објави Движењето Европа сега.
По првиот круг од изборите, Ѓукановиќ може да смета на поддршката на кандидатката на СДП, Драгиња Вуксановиќ, која освои нешто повеќе од 3 отсто од гласовите.
Ѓукановиќ се обидува да добие предност од малцинските народи во Црна Гора, пред сѐ Бошњаците и Албанците, кои не излегоа масовно на изборите во првиот круг, а тој смета и на поддршката од емиграцијата, чешто масовно пристигнувањето во Црна Гора е најавено на почетокот на април. Хрватските политички претставници во Црна Гора најавија поддршка за Ѓукановиќ пред првиот изборен круг.
Меѓутоа, повеќепартиската поддршка што му е укажана на Милатовиќ во Црна Гора се среќава со извесно двоумење и со прашање до кој степен навистина ќе следи, а сето тоа поради близината на предвремените парламентарни избори, кои, по минатонеделното распуштање на црногорскиот парламент, Ѓукановиќ најави за 11 јуни и во кој се очекува и подем на движењето Европа сега.
Од друга страна, аналитичарите забележуваат дека поддршката на актуелниот претседател Мило Ѓукановиќ значително паднала во секоја црногорска општина во однос на минатите избори во 2018 година.
Вториот круг од претседателските избори ќе се одржи на 2 април, а право на глас ќе имаат близу 550.000 запишани избирачи.