Слично како Франција и Грција, Црна Гора се приклучува на европските земји кои ќе бараат пишан, или дигитален сертификат дека сте вакцинирани или негативни на коронавирус, ако сакате да влезете во затворени простори. Националната ковид-потврда на Црна Гора ќе почне да важи и да се користи од овој петок (30 јули), а ќе биде усогласена со ковид-пасошите на други ЕУ-земји, пренесува Блиц.
Една од четири можности ќе имаат граѓаните на Црна Гора, но и странските туристи кои ќе дојдат на море, за да докажат дека се безбедни да влезат во затворено кафуле, ноќен клуб или во угостителски објект во земјата.
– сертификат дека се вакцинирани или дека примиле барем прва доза на вакцина
– негативен ПЦР тест не постар од 72 часа
– сертификат дека прележале корона пред 180 дена (6 месеци)
– брз негативен антигенски тест не постар од 48 часа
Сертификатот ќе го издава Министерството за здравство, а ќе може да се зачува и на мобилниот телефон. Со скенирање на QR-кодот, вратарите од кој било клуб или ресторан ќе можат да видат дали барем еден од овие критериуми свети „зелено“, што би значело дека лицето ги исполнува условите за да влезе во затворен простор.
Ако туристите од некоја причина не можат да обезбедат QR-код, тогаш тие ќе можат својот сертификат да го потврдат со печат во која било здравствена установа во Црна Гора, за време на нивниот престој во земјата.
– Ова е прва фаза од спроведувањето на националниот дигитален сертификат КОВИД-19. Следниот чекор, на кој работиме паралелно и кој очекуваме да биде подготвен за неколку недели, е поврзување со европскиот дигитален сертификат – објавиле од Министерството за здравство на Црна Гора.
Последна опција на тие кои ќе сакаат да се забавуваат во некој ноќен клуб би била да направат ПЦР или БАТ-тест додека се на одмор, и на тој начин да добијат потврда која ќе мора да ја носат со себе на влезот во просторијата.