Црногорскиот министер за надворешни работи во посета на Скопје

Во официјална посета на земјава денеска престојува министерот за надворешни работи на Црна Гора Срѓан Дармановиќ. Во фокусот на дискусиите била соработката на планот на ЕУ и НАТО интеграцијата, потребата од инфраструктурно поврзување, а станало збор и за регионалната соработка и заедничката европска иднина

Покрај средбата со министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, министерот Дармановиќ ќе биде примен од претседателот Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието Талат Џафери, како и од премиерот Зоран Заев.

„Неодамнешниот самит на Јадранската повелба во Подгорица, со заедничко ко-претседателство даде силен и охрабрувачки поттик за следните чекори на Република Македонија кон членството, и впрочем, Македонија заклучно со декември оваа година го завршува претседателството, а Црна Гора го презема во текот на идната година“, изјави Никола Димитров, министер за надворешни работи.

„На денешната средба е потврдена оценката дека односите на нашите две земји се содржајни, квалитетни, неоптоварени со отворени прашања, и се пример за одлична билатерална соработка во регионот“, рече Срѓан Дармановиќ, министер за надворешни работи на Црна Гора.