Црногорскиот претседател во посета на Хрватска

Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ денеска ќе го прими црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, а главни теми на разговорот ќе бидат решавањето на отворените прашања меѓу двете земји и низа други теми, од позицијата на Хрватите до ЕУ и НАТО, соопшти Кабинетот на Милановиќ.

Тоа е прва посета на претседателот Милатовиќ на Хрватска откако во мај годинава беше избран и положи заклетва за претседател на Црна Гора, а Хрватска е првата членка на Европска Унија која претседателот Милатовиќ официјално ќе ја посети.

Билатералните односи меѓу Хрватска и Црна Гора и можноста за решавање на отворените прашања со договор, позицијата и правата на Хрватите во Црна Гора, продолжувањето на црногорските преговори за членство во ЕУ, сојузничката соработка во рамките на НАТО и политичката ситуација во Југоисточна Европа се главните теми за кои треба да разговараат претседателите Милановиќ и Милатовиќ, се додава во соопштението.

Покрај средбата со претседателот на државата, за време на дводневниот официјален престој во Загреб, Милатовиќ ќе се сретне и со претседателите на Владата и на хрватскиот Сабор.