Мнозинството пратеници во црногорскиот парламент му предложија во понеделникот вечерта на претседателот Мило Ѓукановиќ мандатот за составување на новата влада да му го даде на Миодраг Лекиќ.
Кон крајот на август со иницијативата на партијата на Ѓукановиќ ѝ беше изгласана недоверба на владата на Дритан Абазовиќ, а на полноќ истекува рокот до кога шефот на државата треба да го добие предлогот за новиот мандатар.
Лекиќ го поддржаа мнозинство од 41 пратеник од партиите кои на изборите во август 2020 година ја поразија Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Ѓукановиќ кои беа на власт 30 години и ги пратија во опозиција.
Поддршката за Лекиќ, покрај просрпскиот Демократски фронт и Демократите, дадоа и претставниците на Обединетата реформска акција (УРА) на премиерот на заминување Дритан Абазовиќ, кој по постигнувањето на договорот изјави дека е оптимист дека Црна Гора наскоро ќе добие нова влада.
„Лекиќ ја има нашата поддршка, верувам дека ќе биде наклонет она што ќе биде ставено на хартија и да се спроведува. Очекуваме од Ѓукановиќ да му го даде мандатот“, изјави Абазовиќ во Вашингтон каде што имаше средби со низа американски функционери.
Челникот на УРА истакна дека новата влада нема да го менува надворешнополитичкиот курс на Црна Гора.
Миодраг Лекиќ, најстариот пратеник во актуелниот состав на црногорскиот парламент, во политичката кариера беше и министер за надворешни работи на Црна Гора, а во времето на Слободан Милошевиќ амбасадор на тогашната Сојузна Република Југославија во Италија.
Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ пред два дена изјави дека државата е близу до одржување предвремени парламентарни избори, бидејќи, како што оцени, парламентарното мнозинство не може да се договори околу кандидатот за мандатар, а дека рокот за нивниот предлог истекува во понеделникот на полноќ.