Црногорскиот министер за одбрана Предраг Бошковиќ потврди во понеделникот за црногорскиот дневен весник Вијести дека италијански и грчки борбени авиони од летово ќе ја преземат заштитата на воздушниот простор на Црна Гора, во рамките на мисијата Air policing на НАТО:
Функционер на НАТО за весникот вели дека грчките и италијански млазни ловци, во рамките на споменатата мисија, го осигуруваат воздушниот простор на Албанија.
Црногорскиот министер за одбрана Предраг Бошковиќ вели дека претходно мора да биде потпишан договорот со Агенцијата за контролата на воздушниот сообраќај на Србија и Црна Гора (СМАТСА).
„Прво мораме да го средиме тој договор со СМАТСА, како организација којашто треба да обезбедува радарска слика за Црна Гора. Се надевам дека тоа ќе оди многу брзо. Тој може да биде потпишан следните седмици“, најавува Бошковиќ, истакнувајќи дека „СМАТСА и досега беше задолжена за водење на сите цивилни и воени летала низ воздушниот простор на Црна Гора“.
Бошковиќ вели дека дури потоа ќе следи усогласувањето со Италија и со Грција на техничките поединости и на договорот.
Air policing е мирновременска мисија чијашто цел е зачувување на безбедноста на воздушниот простор на земјите членки и вклучува постојано присуство 24 часа дневно, 365 дена во годината на ловци пресретнувачи кои се подготвени веднаш да реагираа доколку има нарушување на воздушниот простор. Врховната команда на Сојузничките сили за Европа (SACEUR) е одговорна за спроведување на мисијата.
„Тоа е знак за усогласеноста, поделба на одговорноста и солидарноста ширум Алијансата“, оценува соговорникот од НАТО на подгоричкиот весник напомнувајќи дека Црна Гора „не е единствената којашто користи вакви услуги“.
„НАТО го штити балтичкото небо од 2004 година, кога Естонија, Литванија и Летонија ѝ се придружија на Алијансата. Воздушниот просто на Словенија го покриваат Унгарија и Италија. Албанија ја покриваат Грција и Италија“, додава.