Црногорскoто обвинителство потврди дека на подрачјето на Цетиње се убиени 12 лица

Црногорската обвинителка Андријана Настиќ во четвртокот потврди дека ден претходно во областа на градот Цетиње биле убиени 12 лица, од кои две се деца, а напаѓачот Ацо Мартиновиќ се самоубил.

Настиќ најави дека истрагата била водена на шест локации, од кои пет биле сцени на убиствата, а шестата на местото каде што осомничениот се самоубил.

„Уби по четири лица на две локации, две деца на третата, а по едно лице на преостанатите две“, рече Настиќ, додавајќи дека четири лица се тешко ранети.

Напаѓачот го започнал своето дивеење во ресторан во Цетиње.

„Извршен е увид на секоја локација и прибрани се докази“, рече обвинителката и додаде дека работата на обвинителството и полицијата за утврдување на околностите на настанот е во тек.

Подгоричкиот портал Борба објави дека се убиени пријателите и кумовите на Мартиновиќ.

Меѓу повредените има тројца мажи и една жена, соопштија лекарите од Клиничкиот центар на Црна Гора, чии животи сѐ уште се во животна опасност.

„Тие се оперирани синоќа и моментално се во фаза на будење и одвојување од апаратите за дишење. Состојбата на четвртиот пациент е исклучително критична“, изјави директорот на Клиничкиот центар на Црна Гора во Подгорица, Александар Радовиќ.

Црногорската влада од четврток прогласи тридневна национална жалост.

Ова е второ масовно злосторство во Цетиње во изминатите две ипол години. Градот и Црна Гора сѐ уште не закрепнаа од трагедијата што се случи на 12-ти август 2022 година во населбата Медовина, кога Вук Бориловиќ уби 10 луѓе, меѓу кои две братчиња.