Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу изјави во средата дека верува оти ткн Црноморскиот договор за извозот на украинските житарки може да биде продолжен за уште најмалку два месеца, бидејќи официјалните лица од вклучените страни го одржаа првиот дел од разговорите за продолжување на договорот во Истанбул.
Русија порано предупреди дека нема да го продолжи договорот по 18-ти мај, освен ако не се исполнат барањата на Москва за отстранување на блокадата на руските житарки и ѓубрива заглавени во европските пристаништа. Чавушоглу зборуваше за медиумите по враќањето од Москва.
Рече дека договорот за житарките е меѓу прашањата за кои разговарал со неговиот руски колега Сергеј Лавров за време на посетата и дека се надева дека може да се постигне позитивен исход во Истанбул, каде што разговорите треба да продолжат во четврток.
„Мислам дека можеме да постигнеме резултат од продолжување на договорот за уште најмалку два месеца“, рече Чавушоглу.
Обединетите нации и Турција беа покровители на Црноморскиот договор за извоз на житарки склучен во јуни минатата година, за да помогнат во олеснувањето на глобалната криза со храна, што се влоши со руската инвазија во Украина. Претставниците на Русија, Украина, Турција и ОН го сочинуваат Заедничкиот координативен центар (ЗКЦ) во Истанбул, кој го спроведува договорот.
Обединетите нации соопштија дека инспекциите на бродовите што испловуваат од украинските црноморски пристаништа, според договорот што овозможува безбеден извоз на украинско жито преку Црното Море продолжија во вторникот. Во неделата или во понеделникот немаше контроли на бродовите кои доаѓаа и излегуваа.