Училиштата во Пекинг денеска се затворени откако властите воведоа црвен аларм поради загадување на воздухот.
Црвениот аларм, највисоко ниво на тревога поради загадувањето, е воведен вчера и во сила ќе биде до четврток. Во Пекинг е ограничен бројот на возила на улиците и фабриките ја намалија работата.
Според податоците на американската амбасада во Пекинг, измерената количина на штетни честички денеска изнесувала 291 микрограми по кубен метар. Ова е првпат властите во Пекинг да издадат црвен аларм.
Тревогата е прогласена откако три дена концетрацијата на штетни честички ПМ 2,5 – честички во воздух со пречник од 2,5 микрони, изнесуваше 300 микрограми по кубен метар.
Светската здравствена организација пропиша дозволена концетрација на тие честички до 25 микрограми по кубен метар.