Црвен крст ја нагласува очајната ситуација во Мариупол

Продавниците и аптеките се ограбени. Болниците работат само делумно. Луѓе кои се борат за храна или земаат гориво од напуштени автомобили. Зеленчукот исчезнува на „црниот пазар“, а месото никаде го нема. Така, висок функционер на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) во опколениот украински град Мариупол ги опиша тешките услови во градот.

– Сите продавници и аптеки беа ограбени пред четири или пет дена. Некои луѓе сè уште имаат храна, но не сум сигурен колку долго ќе потрае, изјави Саша Волков, заменик-шеф на подделегацијата на МКЦК во Мариупол.

Тој изјавата ја испратил во средата преку сателитски телефон од градот, каде комуникацијата со надворешниот свет во најдобар случај е тешко возможна.

– Луѓето се разболуваат од студ и влага. Тие почнаа да се напаѓаат за храна… си ги уништуваат автомобилите едни на други за да наточат бензин. Многумина немаат вода за пиење. Подрумите кои нудат поголема безбедност од гранати и бомби се резервирани за мајки со мали деца, тврди Волков.

МКЦК со седиште во Женева со денови се обидува да организира евакуација на 200.000 луѓе од Мариупол, кој е под опсада на руската армија.