Меѓународниот комитет на Црвениот крст доцна ноќта во средата објави дека 16 заложници кои ги држела палестинската исламистичка група Хамас во Газа се успешно ослободени и згрижени.
Црвениот крст, меѓународна хуманитарна организација со седиште во Швајцарија, оперативно посредува во ослободувањето на заложниците од Газа и Палестинците кои се држат во израелските центри за притвор, според условите на привременото примирје меѓу Израел и Хамас.
Во четвртокот наутро истекува претходно договорениот и еднаш продолжениот прекин на огнот во Газа, при што имаше неколку размени на затвореници, а во последната десет Израелци беа ослободени од Хамас, од кои пет со двојно државјанство, како и четворица тајландски и двајца руски државјани.
Според условите на договорот постигнат со посредство на Катар, во замена ќе бидат ослободени 30 Палестинци, меѓу кои 16 малолетни и 14 жени, изјави во средата портпаролот на катарското Министерство за надворешни работи, Мајед ал-Ансари.
Ослободените заложници беа меѓу околу 240 лица заробени од милитантите на Хамас за време на ненадејниот напад врз Израел на 7-ми октомври.
Меѓу 16-те заложници ослободени во средата беше и Лиат Беинин, кој има и американско и израелско државјанство, а чие ослободување го потврди и американскиот претседател Џо Бајден. Бајден објави дека Беинин ја преминал границата со Газа и дека е безбеден во Египет.