Црвенковска: Советот ќе ги заштити судиите, но и ќе ги разрешува непрофесионалните

Новата претседателка на Судскиот совет, Павлина Црвенковска исклучува политички влијанија и вели дека е таму каде што е поради нејзиниот професионален и личен интегритет, а не затоа што во одреден период од нејзината кариера работела како советничка во владата на СДСМ и ДУИ, додека премиер беше Владо Бучковски.

„Мојата работна кариера во разни периоди ме носел на различни места. Во одреден период точно е дека сум работела во органи на управа, покрај тоа што 25 години сум работела во правосудните органи. Како член на извршна власт не сум била, јас сум била државен советник. Грубо е да се инсинуира дека заради тоа што во одреден период од мојата кариера сум работела во органи од управата јас сум тука каде што сум. Јас тука затоа што поседувам личен морален интегритет, големо професионално искуство посебно во правосудните органи, од основен до апелациски суд, сум била и адвокат“, рече Црвенковска која ветува дека ќе направи сè за да исклучи какво било политичко, но и бизнис влијание врз членовите на Судскиот совет.

По изборот за нова претседателка на судиите им порача да работат професионално, а Судскиот совет ќе биде тука да ги заштити. За другите, пак, рече дека Советот е тука за да ги разрешува.

„На судиите им порачувам да продолжат да работат одговорно професионално и често, притоа да бидат ослободени од секакви притисоци, надворешни влијанија и без страв да судат согласно законските прописи. Ги охабрувам судиите кои досега ја вршеа својата работа совесно и чесно и да знаат дека секогаш во мене имаат сојузник во одбрана на нивниот професионален интегритет. Судскиот совет е тука да ги унапредуваме, наградуваме, заштитуваме судиите кои се професионални и одговорни, но воедно е тука и да ги разрешува сите кои во својата работа ќе покажат дека непрофесионално и нестручно си ја извршуваат својата работа“, изјави Црвенковска.

Како и на седницата откако беше избрана, така и во изјавата пред медиумите рече дека како претседателка ќе направи сè за Судскиот совет да го подигне дигнитетот на правосудниот систем и барем за еден степен да ја подигне довербата.

Додека Судскиот совет избира претседател, пред Уставен се оспоруваат условите за избор

Павлина Црвенковска е членка на Судскиот совет од декември 2020 година. Таа влезе во него откако беше избрана од Собранието, а денешниот избор за претседател се случи според новиот Закон за Судски совет кој предвидува дека на челната позиција на ова тело може да бидат само членовите кои се избрани од парламентот – тоа се 5 члена, а не и оние од редот на судиите – 8 членови.

Во меѓувреме, поради „лишување од правото“ на судиите да бидат претседатели на Судскиот совет, пред Уставниот суд е покрената иницијатива за оценка на тој член од Законот.

Закон за Судски совет

Црвенковска, пак, вели дека тие неофицијално знаат оти има таква иницијатива, но никој не се обратил до нив, а денешната седница ја одржале бидејќи завршил мандатот на досегашниот претседател Киро Здравев. Тие постапиле, рече таа, според актуелното законско решение, а кога Уставниот суд би се изјаснил за иницијативата, тогаш ќе се разговара во зависност од одлуката.

„Законот за Судски совет е донесен 2019, имаме две мислења на Венецијанската комисија, до 2015 и од 2019 и во тие мислења укажуваат дека е добро за работата на Судскиот совет одреден број членови да бидат избрани од редовите на оние кои не се судии, кои не биле обвинители, заради баланс во одлучувањето. Факт е дека во судскиот совет мнозинство се судии, осуммина се судии. За таа иницијатива која ја споменувате немаме сигурна информација, никој до Судскиот совет не се обратил со поднесок дека постои. Од неофицијални информации и ние знаеме дека постои таква иницијатива. Кога ќе ја донесат и како ќе одлучат, понатаму можеме да разговараме“, рече Црвенковска.

Таа денеска беше избрана едногласно, со 12 гласа „за“. Доби поддршка и од членовите-судии и од членовите избрани од Собранието. Единствено на седницата на присуствуваше досегашниот претседател Киро Здравев кој се наоѓа во изолација.

Инаку, членови на Судскиот совет по функција се и претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, во случајот судијката Беса Адеми и Бојан Маричиќ, но тие се без право на глас.