Црвенковски: ЕУ нема план што ќе прави со себе, а како резултат на тоа и што ќе прави со Западен Балкан

Европската Унија нема план што ќе прави со себе, смета експретседателот на Македонија, Бранко Црвенковски. Нему му пречи статус-кво ситуацијата, со оглед дека нема напредок во процесот на пристапување во ЕУ.

„ЕУ нема план што ќе прави со себе, а како резултат на тоа и што ќе прави со Западен Балкан. Постојано слушаме едни исти мантри од страна на ЕУ, дека останува политиката на отворени врати, а од страна на земјите во регионот, дека полноправното членство во ЕУ е единствената опција за која не постои алтернатива. За жал резултатот од тоа е статус-кво ситуација. Во вакви околности кај нас имаме избор меѓу две опции, првата е да останеме пасивни, да чекаме и да се надеваме на чудо, на некаков радикален пресврт кој ќе го забрза процесот или да бидеме иницијативни и да даваме идеи кои ќе значат исчекор и ќе обезбедат одредена интегрираност и пред полноправното членство во ЕУ. Притоа, да ни биде јасно дека ниту една иницијатива нема шанси да биде разгледана а камо ли прифатена од ЕУ, ако дојде од било која држава. Единствено заеднички усогласен предлог од сите земји во регионот може да предизвика внимание и да се најде на дневен ред во Брисел. Како алатка за оваа цел, можат да бидат искористени формите за меѓународна соработка или нова создадена за оваа намена“, рече Црвенковски.

Тој додаде дека очекува интегрирање и на Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово во Западен Балкан.

„Отворен Балкан е автохтона регионална иницијатива создадена од Србија, Албанија, Македонија. Според мене главниот квалитет е што не е наметната однадвор, туку е резултат на сопствената свест. Ќе се согласите, нешто што во претходните години и децении беше незамисливо. Главниот хендикеп е што во неа не се вклучени Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово. Имајќи ја во предвид поддршката на САД и ЕУ, за иницијативата Отворен Балкан, не се сомневам дека ова ќе биде надминато“, посочи Црвенковски.

Во поглед на состојбата во којашто се наоѓа земјава во поглед на преговорите, Црвенковски забележува дека ништо не се сменило за цела една година.

– Таму каде што бевме лани, се наоѓаме и денес, без видлив и сериозен напредок. И тоа не се однесува само за македонија, туку и за другите земји од регионот, без разлика дали ќе го нарекуваме Југоисточна Европа или Западен Балкан. Единствен исклучок можеби е Албанија за која беше донесена одлука за почеток на преговорите. Ние ги отворивме, но не ги почнавме преговорите. Како што стојат работите, тешко е да се предвиди дали и кога тоа ќе се случи. БиХ доби кандидатски статус, но со 14 услови и без право да ги користи европските фондови. На Косово заради збиднувањето на северот му се закануваат дури и санкции од страна на ЕУ и САД. Посебна приказна се Србија и Црна Гора, држави кои преговорите со ЕУ ги почнаа пред цели 9, односно 11 години. Токму со образложение дека процесот на преговори со нив тече бавно, пред 3 години Франција предложи, а останатите земји-членки прифатија нова методологија за водење на преговорите. Да се потсетиме дека токму поради тоа, а не поради бугарското вето, Македонија не ги почна преговорите со Унијата – рече Црвенковски.

Амбасадорската трибина „Северна Македонија помеѓу Отворен Балкан и Берлинскиот процес – можно ли е побрзо членство во ЕУ?“ беше организирана од страна на Здружението за надворешна и меѓународна политика Совет на амбасадори и Кабинетот на поранешниот претседател Бранко Црвенковски.