Црвенковски се враќа на кормилото на СДСМ?

По катастрофалниот пораз на претседателските и на предвремените парламентарни избори, значително му е разнишана лидерската фотеља на Зоран Заев во партијата. Дали Бранко Црвенковски, поранешниот прв човек на Социјалдемократите, како што беше случај и претходно, повторно ќе се врати на чело на партијата?

Ова станува се’ поизвесно по двете пораки кои ги доби Зоран Заев, во изминатава една недела.

Ставот на СДСМ кој во јавноста го пропагираат и опозициските новинари, дека со откажувањето на нивните 34 пратенички мандати ќе се создаде ситуација во која поради неможноста да функционира Собранието, ќе мора да се распишат комплетно нови избори, го демантира професорот Љубомир Фрчковски, кој вели дека иако во Собранието треба да има 123 пратеника, парламентот може да се конституира и без пратениците на СДСМ.

Единствено, според него, би можело да има дополнителни избори само за тие 34 пратеници во сите шест изборни единици. Исто така, барањето на опозицијата за формирање на техничка влада, за  Фрчковски  не е остварливо, бидејќи согласност за тоа треба да се добие и од ВМРО-ДПМНЕ, а тоа нема логика да се случи.

Соред изборниот законик, освоените пратенички мандати, поединечно треба да се верификуваат во ДИК. Ако на пратеник кој е избран од листата на кандидати му престане мандатот според еден од основите утврдени во член 152 од овој закон, тогаш за остатокот од мандатот, пратеник во Собранието станува наредниот кандидат од листата. Во случај кога е исцрпена листата на кандидати, остварувањето на ова право започнува повторно од почетокот на истата листа на кандидати.

Со оглед на тоа дека Фрчковски отсекогаш му бил близок соработник на Црвенковски, оваа негова изјава може да се сфати како порака на Бранко до Заев, за конгресот закажан на 11 мај, кога ќе се гласа доверба на раководните тела на опозициската СДСМ.

Дали со ова се најавува враќање на Црвенковски на тронот на СДСМ, особено по низата негативни коментари од членството и поддржувачите на социјалдемократите дека најголемата вина за поразот на овие избори лежи во Заев, кој од морални причини потребно е да поднесе оставка?

Одлуката на социјалдемократите да ги вратат пратеничките мандати, како логичен след на нивната единствена „визионерска идеја“ за делегитимирање на целиот изборен процес, предизвика жестоки и спротивставени реакции кај нивното членство, но и во потесното раководство.

Колку оваа одлука донесена во последен момент ја отсликува борбата за демократија и наводното уништување на владејачката „диктатура“, или е само затскривање зад големиот изборен пораз, за кој во краен случај нормално е да се поднесе барем морална одговорност?

Дали лидерот на поразената опозиција, со целото раководство треба да поднесе отставка, дали треба да се прифатат мандатите и битката да се води и институционално и на улица, е актуелна тема на која деновиве се спротивставуваат ставовите помеѓу „старата“ и „новата“ гарда на СДСМ. Едните сметаат дека по катастрофалниот пораз со околу 200.000 гласови, Заев треба да ја напушти лидерската позиција. Бидејќи ситуацијата прави само раскол и штета во партијата.

Воедно, аналитичарите сметаат дека е лицемерен подвигот на Заев кој од една страна го прекина отпорот на опозицијата и излезе на локални избори минатата година, а сега повторно повикува на отпор, со целосно системско делегитимирање на власта.

Под плаштот на возобновувањето на „демократијата“ во земјава, опозицијата бескруполозно осум години се занимава со начинот како да се освои власта, без притоа да се осврне кон корекција на очигледно погубната политика, која веќе со години не поминува кај мнозинството од македоснкиот народ. Кокетирањето со јужниот сосед, без притоа да се има јасен став за прашањето за името, за комплетно улогата на „велепредавник“ да им припадне на, според нив „лажните патриоти“ од ВМРО-ДПМНЕ, како и немањето елементарна грижа пред се’ за интересот и националните чувства на македонските граѓани е само вовед во неуспешната приказна за прифаќење на СДСМ како народна партија, на која и е битен просперитетот на Македонија.

Втората порака до Заев дојде вчера.

Одборот за поддршка на Бранко Црвенковски го повика Зоран Заев на претстојниот конгрес на 11 мај, да си поднесе неотповиклива оставка.

„Поднесувањето на оставката ќе значи најпаметното и најдоброто нешто што сте го направиле за партијата, откако сте дојдени на чело на СДСМ. Веруваме во Вашата доблест дека ќе го направите чинот на поднесување на неотповиклива оставка заедно со целокупното раководство за доброто на СДСМ и за доброто на сите лојални членови“, пишува во отвореното писмо потпишано од претседателот на иницијативниот одбор, Наум Буревски.

Ден потоа, со демант на ова барање се огласија од „поранешниот  иницијативен одбор на поддржувачите на Бранко Црвенковски“ кои поочија дека барањето отставка до заев е личен став на Буревски.

Првиот човек на фондацијата  „Сорос“, Владимир Милчин, во својата последна колумна бара за најновата ситуација во СДСМ да се огласи и поранешниот лидер Бранко Црвенковски.

„Тој треба да упати јасна и гласна порака со која ќе ја потсети номенклатурата на СДСМ дека Македонија ниту почнува ниту завршува на „Бихаќка“ и дека Македонија ниту почнува ниту завршува со пратеничките мандати на задоволните и незадоволните. Бранко има обврска да се огласи, доколку сѐ уште мисли дека режимот на Груевски не може да се собори на избори организирани од Груевски. Бранко има обврска да ја надмине повредената суета, доколку му е повредена. Со тоа ќе им го одземе правото на суетност и на сите други во СДСМ“, вели тој и потетува дека за нецели десет години, од 2004 до 2013, во СДСМ се смениле четири лидери, што всушност е премногу.

СДСМ-овски „Фејсбук“ раскол

Деновиве на социјалните мрежи се води отвоврена битка помеѓу подржувачите на Зоран Заев и оние кои сметаат дека тој е најголемиот виновник за поразот на претседателскте и парламентарните избори.

Се прави и паралела со случувањата во албанскиот блок. Имено, поддржувачи на СДСМ сметаат дека оставката на лидерот на НДП, Руфи Османи, треба да биде пример за Заев, во спротивно предвидуваат поделба на членството.

Коментарите одат дотаму, што му се предложува на Заев доколку сака вистински  да бојкотира,  прво тој треба да се откаже од градоначалничкиот мандат. При тоа, во коментарите не се бираат зборови за навредувања и омаловажувања.